Приведен е осомничениот за убиството на поранешната украинска пратеничка Ирина Фарион, напиша украинскиот претседател Володимир Зеленски на Телеграм.
Зеленски напиша дека министерот за внатрешни работи Ихор Клименко го информирал за приведувањето на 18-годишник осомничен за пукањето на 19 јули кога беше убиена Фарион, позната по кампањите за промовирање на украинскиот јазик.
„Операцијата за приведување на осомничениот беше многу комплицирана. Стотици специјалисти од Националната полиција на Украина, СБУ и други служби работеа на решавање на убиството, сите овие денови“, напиша Зеленски.
Фарион(6о) беше застрелана во глава на улица во западниот украински град Лавов, а неколку часа подоцна почина во болница.
Поранешната пратеничка Ирина Фарион, лингвистка, стана член на партијата Свобода во 2005 година и беше избрана во парламентот во 2012 година, но не успеа во последователните обиди да добие реизбор.
Таа се здоби со слава поради честите кампањи за промовирање на украинскиот јазик и дискредитација на јавните службеници кои зборуваат руски.
Некои критичари ги сметаа ставовите на Фарион како радикални, а некои нејзини изјави предизвикаа контроверзи.
Во 2018 година, кога Украина се бореше со сепаратистите поддржани од Русија кои зазедоа територии на исток, таа повика на обид да се „удри со тупаница во вилицата секој човек што зборува руски“.
Во 2023 година, таа беше отпуштена од работното место како професорка на Катедрата за украински јазик на Институтот за хуманистички и општествени науки на Политехничкиот универзитет во Лавов поради нејзините контроверзни изјави.
На крајот на мај, Апелациониот суд во Лавов донесе одлука таа да се врати на работа како професорка.