Оружје и муниција од Србија, Кина, Русија, Турција, Обединетите Арапски Емирати(ОАЕ) и Јемен се увезуваат во големи количини и се користат во војната во Судан, откри организацијата за човекови права, Амнести интернешнал.
Во извештајот „Новото оружје го подгрева конфликтот во Судан“ беше документирано дека ново развиено оружје од споменатите земји се увезувало во Судан и околината, често прекршувајќи го ембаргото за оружје во регионот Дарфур.
„Со снабдувањето со оружје за Судан, државите потписнички на Договорот за трговија со оружје, како што се Кина и Србија, ги прекршуваат своите обврски според членовите 6 и 7 од Договорот, а со тоа ја поткопуваат правно обврзувачката рамка што ја регулира глобалната трговија со оружје“, соопшти Амнести интернешенел.
Министерството за одбрана и компанијата „Застава Армс“ веднаш не одговорија на прашањата на Радио Слободна Европа за сознанијата на Амнести интернешнал.
Амнести интернешенел анализираше повеќе од 1.900 записи за пратки од два извори на трговски податоци. Исто така, анализираше податоци од извори со отворен код и други дигитални докази, вклучително и околу 2.000 фотографии и видеа од оружје неодамна произведено или увезено во Судан.
Организацијата за човекови права, исто така, разговараше со 17 регионални и судански експерти за оружје во февруари и март за да ја потврди анализата на податоците и да го истражи синџирот за снабдување со оружје што ги користат различни групи во Судан.
„Постојаниот проток на оружје во Судан продолжува да предизвикува широко распространета цивилна смрт и страдање. Јасно е дека сегашното ембарго за оружје, кое сега се однесува само на Дарфур, е целосно несоодветно и мора да се ажурира и прошири на целиот Судан“, рече Депросе Мучена, виш директор во Амнести интернешенел за регионално влијание на човековите права.
Оваа организација објави дека од почетокот на конфликтот меѓу суданската армија и паравоените сили за брза поддршка во април 2023 година, загинале повеќе од 16.650 луѓе.