Нов Кривичен законик ќе се донесе, но по европски стандарди, а не по нечии потреби, рече премиерот Христијан Мицкоски, откако лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче рече дека претходната влада згрешила со измената на Кривичниот законик и побара да се донесе нов.
Контроверзните измени на Кривичниот закон во септември лани кога власта беше во рацете на СДСМ и ДУИ, ги намалија казните за кривичните дела како што се злоупотребата на службената положба и овластувања и злосторничко здружување. Тоа доведе до застарување и ослободување на повеќе поранешни функционери кои беа обвинети во постапки од Јавното обвинителство.
Мицкоски рече дека не е против нов Кривичен законик, но го праша Филипче што ќе се прави со делата што застареле.
„Велат сработиле нов Кривичен, но што правиме со оние дела кои застареа и за кои граѓаните плаќаат отштета, за тие дела што застареле ќе вратат ли од украдените пари, бидејќи сега имате дела кои застареа и врз основа на тоа тие бараат отштета и добиваат од буџетот на државата. Тоа се милиони евра, тоа се ваши пари. Еве нека извадат од џеб и нека продадат дел од својот имот, а Бога ми го имаат, голем е имотот на поранешните функционери од СДСМ и нека врата во буџетот. Студент од прва година Правен факултет знае дека секое лице кое што ќе биде процесуирано ќе го користи оној закон, кој што во времето на сторување на делото е апликативен. Сега донесоа закон за да ги амнестираат своите криминали и на оние политичари, кои од минатото им беа потребни за да им застарат дел од делата, а сега ќе носиме нов закон“, изјави Мицкоски.
Филипче денеска упати апел до Владата до стави на јавна расправа новт Кривичен законик, кој како што посочи е изготвен и се наоѓа во Министерството за правда. Во однос на тоа зошто сега има промена на ставот, со оглед на тоа што со претходните измени застареа голем број предмети, предизвикаа реакции во јавноста и беа оправдувани од претходната влада, рече дека тоа го прави како нов претседател на сега опозициската партија откако ги увидел негативните реакции на граѓаните, но и на стручната фела.
„Има изготвен нов Кривичен законик, кој што е почнат во 2017 година од министерката Дескоска, тој е готов, завршен. Апелирам Владата да го стави на јавна расправа. Тој е нов кривичен закон, направен е целосно во координација со меѓународни институции по терк, примерок на Кривичниот законик на Германија и сметам дека што поскоро треба да биде на јавна расправа, треба да го разгледаат експерти, да го кажат своето мислење, да се вклучи стручната фела и заедно со консензус да донесеме еден таков нов, како што доликува Кривичен законик. Не е доволно да кажеме дека сме згрешиле што сме донеле таков закон, еве одиме чекор понатаму таа грешка да ја исправиме на овој начин“, кажа Филипче.
Мицкоски, пак, рече дека во Министерството за правда нема таков закон за каков зборува лидерот на СДСМ.
Измените на Кривичниот законик беа донесени во септември 2023, во брза собраниска процедури и со европско знаменце, што потоа беше критикувано и од домашни и од меѓународните институции.
Со измените се намалија предвидените казни за злоупотреба на службената положба, со што се намалува и рокот за застарување на „функционерскиот криминал“. Кој не добил правосилна пресуда за 10 години откако го сторил делото, е слободен.
Вкупно 36 предмети за 197 обвинети се водеа во Основниот кривичен суд Скопје за злоупотреба на службената положба и овластувања кои беа таргетирани од измените на Кривичниот законик.
Со измените, застареа голем дел од високопрофилните случаи против поранешните функционери обвинети за злоупотреба на службена положба или злосторничко здружување.