Хрватското Министерство за надворешни и европски работи со нота упатена до Амбасадата на Црна Гора во Загреб објави дека за непожелни во Хрватска се прогласени црногорските функционери Андрија Мандиќ, претседател на Собранието на Црна Гора, Милан Кнежевиќ, пратеник и Алекса Бечиќ, вицепремиер.
Мандиќ и Кнежевиќ се од партиите на распуштениот проруски демократски фронт, на чија иницијатива Собранието на Црна Гора на 28 јуни изгласа Резолуција за геноцидот во Јасеновац, неприфатливата за Хрватска.
Партиите на Мандиќ и Кнежевиќ од пред два дена се дел од Владата на Црна Гора.
Во соопштението се наведува дека тие се прогласени за „персона нон грата“ поради систематски дејства за нарушување на добрососедските односи со Хрватска и континуирана злоупотреба на таа земја за внатрешно-политички цели.
„Наша суверена оценка е кого сакаме да го прогласиме за непожелен во Хрватска. И мислам дека овие лица го заслужија тоа, бидејќи ги влошија односите меѓу Црна Гора и Хрватска“, рече шефот на хрватската дипломатија, Гордан Грлиќ Радман.
Видете и ова: Хрватскиот државен врв им оддаде почит на жртвите во логорот ЈасеновацНа оваа реагираа вицепремиерот Бечиќ и претседателот на црногорското собрание, Кнежевиќ.
Бечиќ рече дека Хрватска немала исти критериуми за другите лидери од владата чии партии гласале за истата Резолуција.
„Значи очигледно нема критериуми, има политика, како и досега во одлуките на некои други соседи“, изјави Бечиќ.
Кнежевиќ на мрежата „Икс“ (поранешен Твитер) напиша дека неговиот дедо го ослободувал хрватскиот град Карловац од усташите и нацистите во 1945 година.
„Изгледа тие победија, а ние загубивме“, изјави Кнежевиќ.
На иницијатива на Мандиќ и Кнежевиќ, парламентарното мнозинство ја усвои Резолуцијата за геноцидот во Јасеновац, иако еден месец претходно Хрватска упати протестна нота до Црна Гора по најавата за усвојување на оваа резолуција.
И покрај тоа, резолуцијата беше усвоена во Собранието.
Јасеновац бил концентрационен логор каде во Втората светска војна и постоењето на независна Хрватска, масовно биле ликвидирани претежно Срби, Роми, Евреи и антифашисти - Хрвати.
Освен партиите на проруската коалиција на Мандиќ и Кнежевиќ, резолуцијата ја поддржаа и демократите на Алекса Бечиќ и просрпската Социјалистичка народна партија.
Опозициските партии во црногорскиот парламент беа против Резолуцијата за Јасеновац и го предупредија владејачкото мнозинство дека нејзиното донесување им штети на националните интереси на Црна Гора, бидејќи може да ги наруши односите со Хрватска и да го запре патот кон Европската унија.