Ослободена сопругата на затворениот новинар на РСЕ, Ихар Лосик

Дарја Лосик

Дарја Лосик, сопругата на затворениот новинар на Радио Слободна Европа (РСЕ) Ихар Лосик, е ослободена како дел од масовна амнестија, објави Белоруската група за човекови права Homelskaia Viasna.

Според нив, Дарја Лосик е една од петте жени затворени поради политички мотивирани обвиненија кои на почетокот на јули излегле од затвор.

Имено, Судот во Брест на западот на Белорусија ја осуди Дарја на две години затвор под обвинение за олеснување на екстремистички активности.

Обвинителството објави дека обвинението против Дарја Лосик произлегува од интервјуто што го дала за полската телевизија Белсат, која Минск официјално ја означи како екстремистичка група, а во која таа „се позиционирала како сопруга на „политички затвореник“.

Видете и ова: Белорускиот суд ги означи налозите на РСЕ на социјалните мрежи како екстремистички

Таа беше уапсена во октомври, откако полицијата изврши претрес во нејзиниот дом.
Нејзиниот сопруг отслужува 15-годишна затворска казна под обвинение што тој, РСЕ и странските влади ги нарекоа политички мотивирани.

Триест и двегодишникот беше уапсен во јуни 2020 година и осуден во декември 2021 година за организирање масовни немири и поттикнување социјална омраза, како и за неколку други обвиненија кои остануваат нејасни.

Тој тврди дека е невин и ги нарече обвиненијата против него политички мотивирани.

Видете и ова: Новинарот на РСЕ Ихар Лосик се наоѓа во затвор веќе четири години

Во октомври 2023 година, Работната група на Обединетите Нации утврди дека Белорусија го прекршила меѓународното право за човекови права со затворањето на Лошик.

Тие рекоа дека неговото апсење и притворање биле „засновани исклучиво на неговата новинарска активност и неговото користење на слободата на изразување и здружување“.

Американскиот Стејт департмент, Хелсиншката комисија на САД, Комисијата за човекови права Том Лантос, Американската агенција за глобални медиуми и неколку политичари од САД и ЕУ неколкупати побараа ослободување на Лосик.

Родителите на Лосик во февруари рекоа дека последното писмо што го добиле од нивниот син, кој е сместен во ќелиите каде што се забранети писма, пакети од роднини и посети, било на 20 февруари 2023 година.