Забрана за увоз и употреба на желудник од живина во производи од месо

илустрација

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) донесе решение за забрана за увоз и употреба на пилешки желудник наменет за човечка исхрана во производството на подготовки и производи од месо. Решението кое ќе почне да се применува од 1 август годинава е донесено поради утврдени потенцијали ризици од употребата на мускулниот дел од желудникот на живината за здравјето на луѓето (можна контаминација со патогени – бактерии и вируси, присуство на токсини и сл.).

Сите количини пилешки желудник што се претходно увезени и складирани операторите со храна треба да ги потрошат во рок од 60 дена од денот на почнувањето на примената на решението.

„Со цел превенирање можна злоупотреба на веќе увезените количини, во наредните два месеца инспекциските служби на Агенцијата ќе спроведуваат засилени контроли во малопродажните објекти во кои се продава месо, подготовки и производи од месо, како и во месарниците и месните индустрии“, соопшти АХВ.

Видете и ова: Вонредните контроли утврдиле лоши хигиенски услови во кујните и храна со поминат рок

Инспекциските контроли на Агенцијата утврдиле употреба на овој вид внатрешен орган од живина во подготовки од месо, каде што не смее да ги има во согласност со одредбите од правилникот за изменување и дополнување на правилникот за барањата во однос на квалитетот на меленото месо, подготовки од месо и производи од месо.

Со овој подзаконски акт забранета е употребата на некои внатрешни органи, вклучително и мускулен дел од желудник на живина, во производство на мелено месо и подготовки од месо, како што се плескавиците и ќебапите, а кои исклучително може да се подготвуваат од месо од говеда, овци, кози и свињи и други додадени состојки, но не и од пилешки желудници и МОМ (месно обескостено месо).

Употребата на мускулен дел од желудник на живина сега е дозволена исклучиво во производство на производи од месо (колбаси, сувомесни производи, конзерви и други производи), само во одобрен објект (месни индустрии) и само доколку наведените производи подлежат на соодветен термички топлотен третман.