Три плевни и две куќи изгореа во пожар што избувнал околу 16 часот на 24 јули во струмичко Ново Село. Повредени и жртви нема.
Пожарот бил изгаснат околу 19 часот, а со пламените јазици се бореле 20 пожарникари со шест противпожарни возила. Се гасело и од воздух со еден хеликоптер.
Според информациите од Алекснадар Гудев, командир на противпожарната служба во Струмица, има голема материјална штета.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
На местото на пожарот беше и директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов, кој во разговор со граѓаните, чии објекти беа зафатени од пожарот, беше информиран дека пожарот се појавил одеднаш.
Во видеото кое го објави ЦУК од разговорот на Ангелов со локалното население, еден од жителите Сандо Николов вели дека причина за пожарот бил спој на каблите кои пренесуваат струја од една до друга бандера. Жителите тврдат дека пожар од истата причина настанувал и претходно.
„Дуваше ветер и искрата дојде од каблите кои поминуваат тука и веднаш заврши во мојата плевна. Ова се случува веќе трет пат. Успеав да го извадам коњот, ми помогнаа мои другари. Ми изгореа околу 200 бали сено“, вели Николов во видеото од ЦУК.
Директорот на ЦУК најави дека на терен ќе излезат и вештаци од МВР за да ја утврдат причината.
Изминатиот период Северна Македонија беше погодена од голем број пожари, но на отворено и во шума. Најсериозен беше на планината Серта, каде имаше неколку жаришта, а на пожарникарите им требаа десетина дена за да го стават под контрола.
Македонските служби имаа помош во гаснењето и од земјите од соседството.
Претходно денеска, состанок одржа и Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи. Комитетот и препорача на Владата итно да донесе одлука за реорганизација на целокупниот систем за да може соодветно да се справи со секоја криза која би настанала во земјава.
Видете и ова: Немаме пари за да гасиме пожариМинистерот за внатрешни работи Панче Тошковски кој го водеше состанокот изјави дека исто така се размислува во насока на создавање на едно тело, односно спојување на ЦУК и ДЗС под една команда, како и формирање на специјална единица.
Од страна на МВР, оформена е оперативна акција „Пожар 2024“, во која што се вклучени сите Сектори за внатрешни работи во земјава, бидејќи, како што рече Тошковски, најголем дел од пожарите биле предизвикани од човечки фактор.
Досега има двајца осомничени за два конкретни кривично-правни настани за кои биле преземени соодветни процесни чекори од аспект на утврдување на вистината и натамошно процесуирање до надлежни органи.