Грузиската служба за државна безбедност започна истрага за наводен заговор за убиство на Бидзина Иванишвили, основачот и почесен претседател на владејачката партија Грузиски сон, како и за насилно соборување на Владата.
Во соопштение од 24 јули, Службата за државна безбедност наведува дека истрагата се занимава со „криминални активности“ кои наводно се поддржани од „поранешни високи функционери“.
Истрагата доаѓа во време на зголемени тензии во кавкаската земја поради неодамна усвоениот контроверзен Закон за „странски агенти“ кој е во спротивност со аспирациите на земјата за членство во Европската унија.
Критичарите на Законот тврдат дека тој е аналоген на законот што пред десет години беше донесен во Русија, како и дека претставува уште еден чекор кон подобрување на односите на Грузија со Москва.
Видете и ова: Претседателката на Грузија го оспорува законот за „странски агенти“ пред Уставниот суд„Целта на споменатите кривични дела [убиството на Иванишвили и соборувањето на владата] е насилно уривање на државната власт од страна на деструктивни сили, создавање неред и слабеење на власта“, велат од грузиската Служба.
Оттаму не именуваа ниту еден осомничен во случајот, иако локалните медиуми објавија дека најмалку шест лица се сослушани, од кои некои се бореле на страната на Украина во војната со руските сили.
Објавата за истрагата дојде еден ден откако Градскиот суд во Тбилиси го сослуша Гел Кахабришвили, кој се бореше на украинската страна против окупаторските руски вооружени сили.
На брифинг во Тбилиси, премиерот Иракли Кобахиџе обвини неодредени „глобални политички сили“ за заговор за убиство на Иванишвили, додавајќи дека „истите сили“ стојат зад обидите за атентат врз поранешниот американски претседател Доналд Трамп и словачкиот премиер Роберт Фицо.
Кобахиџе, кој исто така е член на Грузискиот сон, не даде никакви докази за своите тврдења.
Видете и ова: Директорката на американската тајна служба поднесе оставка поради обидот за атентат врз ТрампПретседателот на парламентот, кој е уште еден член на Грузискиот сон, Шалва Папуашвили го потпиша законот за странски агенти на 4 јули.
Дваесет дена подоцна, шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, изјави дека како одговор на носењето на ваков закон ЕУ ќе ги намали политичките контакти со Грузија и ќе размисли за замрзнување на финансиската помош за владата во Тбилиси.
Критичарите велат дека Грузискиот сон го вовел Законот за „странски агенти“ за да ја зајакне моќта на партијата во пресрет на изборите подоцна оваа година, кои се сметаат за клучни за евроатлантските аспирации на Грузија.
Законот бара граѓанското општество и медиумските организации кои добиваат повеќе од 20 отсто од своето финансирање од странски извори да подлежат на надзор кој може да вклучи санкции за сè уште недефинирани кривични дела.
И САД и ЕУ го предупредија Грузискиот сон дека игнорирањето на критиките и насилното задушување на демонстрациите ќе има негативни последици.
Грузија доби статус на кандидат за членство во ЕУ минатиот декември, но допрва треба да ги започне вистинските пристапни преговори, кои би можеле да траат со години.