Затворите во Северна Македонија добија нови директори кои беа именувани на денешната (24 јули) владина седница.
Меѓу нив, ново раководство има и една од најпознатите Казнено-поправни установи (КПУ) во земјава, затворот Скопје“, што се наоѓа во Општина Шуто Оризари.
„По констатираните неправилности од Управата за извршување на санкции во работењето на КПУ ’Затвор Скопје‘, разрешен е директорот на затворот, Филип Андов. На негово место назначен е Бобан Утковски за в.д. директор на КПД Затвор – Скопје“, соопштија од Владата.
Новиот директор Утковски е поранешен полициски генерал.
Затворите хиерархиски се под надлежност на Управата за извршување санкции (УИС) каде на 2 јули Владата за директор го назначи Александар Пандов, кадар на владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
Видете и ова: Наесен првите осуденици со електронски алки?Тој пред два дена на прес-конференција обвини дека затворот „Скопје“, познат во јавноста и како „Шутка“, личел на „хотел Промаја“ односно затвореници влегувале и излегувале неконтролирано. При вонреден надзор на 19 јули, тврдеше тој, било констатирано дека 11 осуденици не биле во своите ќелии.
Пандов кажа дека Андов како директор образложил оти отсутните лица биле ангажирани во т.н. возен парк и перална во затворот обвинувајќи дека овие затвореници намерно биле делегирани таму за да може да излегуваат и влегуваат кога ќе сакаат.
„Разговарав со полицајците и на мое прашање како е можно да има вакво однесување, полицајците ми одговорија дека тие немаат никаква заштита. Се случува да му се јават на директорот и да му речат ’Сокол (прекар на ексдиректорот Андов) ние ти дадовме пари, овие не смеат да ни се закануваат на нас‘“, обвини Пандов.
Андов, кој беше назначен за директор од претходната влада на СДСМ и ДУИ, во изјава за медиумите ги негираше обвинувањата од директорот на УИС.
Покрај затворот „Скопје“, по предлог на Пандов, Владата назначи директори и на повеќето затвори во државата. Според списокот што го објавија од владината прес-служба нови в.д. директори има на: Затворот „Штип“ (Дејанчо Здравков), затворот од отворен тип во Струга (Ардит Мустафаи), како и казнено-поправните домови во „Битола (Александар Јовковски), „Гевгелија“ (Слаѓана Стаменковска), Охрид (Климент Софковски), Струмица (Зоран Ристов) и др.
Кадровски решенија Владата донесе и за неколку други институции. Меѓу нив, за директор на Управата за имотно-правни работи е назначен Зоран Крстановски, а за в.д. директор на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ќе биде Илија Стоилев.
Видете и ова: Владата именуваше нови директори и ги разреши националните координаториНа Управниот одбор на Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистрални патиштата, пак, му е препорачано да го разреши досегашниот директор Костадин Ацевски и на негово место да го извере Нуредин Фетаи.
Според соопштението, владин предлог за заменик во Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) е Назим Таипи. За директор на оваа институција претходно беше назначен ексградоначалникот на Скопје, Коце Трајановски.
Владата, исто така, ги разреши и претседателот и членовите на Управниот одбор на Фондот за иновации и технолошки развој и на нивно место именуваше седум нови лица.