Заменик-министер во техничката влада што ја предводеше Талат Џафери, донел 189 решенија за распоредување на вработени, иако тоа било спротивно на одредби од Законот за спречување корупција и судир на интереси и на Изборниот законик.
Ваква оценка донесе Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) чија претседателка Татјана Димитровска на денешната седница (24 јули) најави дека „ќе иницираат постапка до надлежен орган“ против поранешниот функционер.
За отворањето на овој предмет шефицата на Антикорупциска информираше и претходно кога одговараше на прашања од пратеници за време на седница на Комисијата за политички систем во Собранието на која се разгледуваше годишниот извештај за работата на ДКСК. Тогаш таа информираше и дека станува збор за предмет за поранешен заменик во Министерството за внатрешни работи. Во техничката влада, на оваа функција беше Назим Буши од ДУИ.
Видете и ова: ДКСК: Дипломатските пасоши не ни се привилегија, туку правоВо време на изборниот период, согласно Пржинскиот договор, со МВР раководеше кадар на тогаш опозициската ВМРО-ДПМНЕ, актуелниот министер за внатрешни работи Панче Тошковски. Од редовите на СДСМ, пак, имаше дополнителен заменик, Митко Бојмацалиев.
Меѓутоа, двајцата, согласно закон, ги напуштија функции откако ДИК ги објави конечните резултати, па со МВР остана да раководи Буши.
„На ден 31.5.2024 година, заменик министерот ја презема надлежноста за раководење со Министерството, се до избор на новата влада. На 23.6.2024 година, Собранието ја избира новата Влада. Во тој период – од 31 мај до 23 јуни, во Министерството од страна на заменик министерот донесени се вкупно 189 решенија – 98 решенија за хоризонтално распоредување, 68 за унапредување и 23 решенија за распоредување со кои на работниците им се намалува основната плата“, рече претседателката на ДКСК на денешната седница.
Ставот на антикорупционерите е дека во тој период со оглед дека не бил извршен изборот на новата Влада не можело да се прават распоредување односно дека не се почитувани забраните во Законот за спречување корупција и судир на интереси и Изборниот законик.
„Се констатира повреда на законските одредби и за констатираното прекршување на законските одредби ДКСК ќе постапи во рамките на своите законски надлежности, ќе донесе одлука од нејзина надлежност и ќе иницира постапка до надлежен орган“, рече Димитровска.
Предмети за Јанушев и за патувањето на синот на Мицкоски
Во одговори на новинарски прашања по седницата на ДКСК, таа уште еднаш потврди дека ќе го проверуваат и имотот на генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев.
РСЕ вчера пишуваше дека за него има пријава од Управата за финансиско разузнавање поради наводно непријавен имот. Исто така, антикорупционерите ќе го проверуваат и имотот во центарот на Скопје што Јанушев во анкетниот лист го впишал како подарок.
Видете и ова: ДКСК ќе го истражува имотот на владиниот секретар ЈанушевЧленот на ДКСК, Зоран Богоевски, пак, на седницата денеска (24 јули) истакна дека Антикорупциска по сопствена иницијатива отворила предмет и за патувањето на синот на премиерот Христијан Мицкоски во САД заедно со државната делегација која патуваше на самитот на НАТО во Вашингтон.
„На 16 јули доставено е барање за обезбедување на потребната документација до генералниот секретар на Владата. Согласно доставницата барањето е примено на 23 јули од страна на генералниот секретар и очекуваме достава на документација по чие добивање ќе го разгледаме предметот и во најбрзо време ќе биде донесена одлука на седница на ДКСК“, рече Богоевски.
За патувањето на синот, премиерот Мицкоски во своите јавни настапи досега тврдеше дека не било покриено со државни пари туку од семејниот буџет.