Руски разузнавач наводно е ранет во експлозија во Москва

Оштетени автомобили во експлозијата во Москва, 24 јули 2024 г.

Две лица се ранети во експлозија на автомобил-бомба во Москва рано изутрината на 24 мај. Едно од лицата, како што беше соопштено, наводно е висок воен разузнавач.

Рускиот истражен комитет соопшти дека во експлозијата се ранети сопственикот на возилото „Тојота ленд крузер“ и еден сопатник.

Портпаролката на Министерството за внатрешни работи Ирина Волк, изјави дека експлозијата била предизвикана од „неидентификувана направа“ поставена во возилото.

„Прелиминарната истрага откри дека неидентификуван предмет поставен во возилото ја активирал експлозијата на паркингот“, рече Волк.

Како што додаде таа, во експлозијата се повредени две лица кои со возило на Брза помош се пренесени во болница.

Властите сè уште официјално не ги идентификувале повредените во експлозијата, велејќи дека е отворена кривична и форензичка истрага за инцидентот.

Видете и ова: Убиен во бомбашки напад е руски наводен мачител на украински затвореници

Весникот Комерсант наведува дека еден од ранетите служел во Главната управа на Генералштабот на вооружените сили на Руската Федерација, позната како ГРУ.

Каналот Астра на Телеграм првично објави дека двете жртви се Андреј Торгашов (49), заменик-началникот на единицата 33790 – сателитски радио комуникациски центар на руската војска, и неговата сопруга, како и дека и двајцата се хоспитализирани.

Друг канал на Телеграм – 360, пак, подоцна ја цитираше сопругата на Торгашов, Маја, која вели дека ниту таа ниту нејзиниот сопруг не биле во автомобилот кога се случила експлозијата тврдејќи дека во возилото имало и други лица.

На каналот БАЗА на Телеграм, кој е поврзан со руските безбедносни служби, беше објавено дека една од двете жртви „најверојатно“ е офицер на руското воено разузнавање.

Во извештајот на весникот „Московски Комсомолец“ се вели дека истрагата покажала „можна вмешаност на украинските специјални служби и нивните агенти“.

Неколку руски воени функционери и јавни личности наклонети на Кремљ беа цел на бомбашки напади откако Москва ја започна својата инвазија на Украина во февруари 2022 година.