Сериозна загриженост за независноста на судството во Северна Македонија изразува Европската комисија (ЕК) во годишниот извештај за владеење на правото.
Загриженост ЕК изразува и поради најавите на власта за распуштање на Судскиот и Советот на јавни обвинители.
Овој извештај се објавува еднаш годишно за сите држави членки на Европската Унија (ЕУ), а оваа година за првпат во него се опфатени и земјите кои се наоѓаат во пристапен процес.
„Северна Македонија имаше неколку реформски бранови во правосудството и усвои нова стратегија во правосудството за да се подобри независноста, ефикасноста и професионалноста. Сепак, независноста на судството и институционалниот капацитет да се заштити од несоодветно влијание претставуваат сериозна загриженост. Нивото на утврдената независност на судството е многу ниско“, пишува во извештајот.
ЕК ја истакнува и загриженоста за независното функционирање на Судскиот совет. Исто така, нотира и дека одлуките за именување и судии и обвинители биле критикувани од граѓанското општество поради сомнежи дека не се засновани на објективни критериуми.
Видете и ова: Стејт департмент: Сериозна владина корупција и ограничена слобода на изразување во Северна МакедонијаОд друга страна, пак, во извештајот се забележува дека Врховниот суд под водство на претседателката Беса Адеми и Судскиот совет презеле мерки за да ја подобрат транспарентноста.
Уште еден аспект на кој се осврнува ЕК во извештајот во однос на независноста на судството се парите.
„Ограничените финансии кои се доделуваат во судството може да влијаат на неговата финансиска автономија, а дефицитот на човечки ресурси може да влијае на квалитетот и ефикасноста на правдата“, нотира ЕК.
Останува високиот ризик од корупција
Европската комисија во извештајот забележува дека во Северна Македонија постои сеопфатна стратегија за борба против корупцијата, но заостанува нејзината имплементација.
„Големиот ризик од корупција останува распространет во многу области. Неодамнешните измени на Кривичниот законик ја ослабеа правната рамка, негативно влијаејќи на справувањето со корупцијата, особено во случаите на корупција на високо ниво. Ограничувањата на ресурсите и недостигот на соработка меѓу националните власти го попречуваат ефикасното справување со корупцијата и го попречуваат воспоставувањето на стабилна евиденција за случаи на корупција на високо ниво“, оценува ЕК во извештајот.
Во овој контекст се споменува Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) за која се наведува дека „продолжува со напорите за исполнување на својот мандат и покрај ограничените ресурси“.
Забелешка Брисел дава и затоа што во земјава не е заживеано лобирањето.
„Законска рамка постои, има и регистар за лобисти, но сè уште нема регистрирани лобисти“, вели ЕК.
Видете и ова: По 15 години од првиот обид, ќе заживее ли лобирањето во Северна Македонија?Загриженост поради државното рекламирање во медиумите
Еден дел од извештајот ЕК посветува и на состојбата во медиумите. Таму се нотира дека Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ги исполнува своите задачи, но оти треба да се зајакне нејзината финансиска и институционална независност.
Загриженост има поради повторното враќање на можноста државата односно Владата да се рекламира во медиумите.
„Остануваат предизвиците во однос на транспарентноста на сопственоста на медиумите и загриженоста во врска со одредени елементи на повторното воведување на рекламирањето финансирано од државата“, се додава во извештајот.
За безбедноста на новинарите, пак, се забележува дека се „се зајакнати законските гаранции за заштита“, но сепак имало одредени закани и акти на насилство кон медиумските работници.
Политичка поларизација во Собранието
Исто така, во извештајот се прави осврт и на Собранието за што се нотира дека „политичката поларизација“ придонела да се доцни со работата, но и довела до прекумерна употреба на носење закони по скратени постапки.
„Канцеларијата на Народниот правобранител нема доволно ресурси, а остануваат и предизвиците за систематско следење на нејзините наоди и препораки“, пишува во извештајот.
Во извештајот се прави осврт и на граѓанското општество за кое се нотира дека невладините работа во „севкупно адекватна средина“, но има предизвици околу тоа да се обезбеди нивен одржлив ангажман во креирањето политики.
Видете и ова: Гаши - ни треба дијалог внатре и со соседитеГодишниот извештај за владеењето на правото е резултат на близок дијалог со националните власти и засегнатите страни и ги опфаќа сите земји-членки ма ЕУ и четирите земји кои се во пристапен процес – Северна Македонија, Србија, Црна Гора и Албанија.
Извештајот претставува клучна референтна точка на ниво на ЕУ и на национално ниво.
Извештајот ги опфаќа случувањата во четири клучни области: правосудниот систем, антикорупциската рамка, слободата на медиумите и плурализмот и други институционални прашања поврзани со контролите и рамнотежата.
Извештајот за 2024 година претставува оценка за состојбата на владеењето на правото во земјите-членки, вклучително и следење на препораките дадени во 2023 година.