Косовската претседателка Вјоса Османи изјави дека одлуката на Советот на Европската Унија за укинување на визите за граѓаните на Косово кои поседуваат нелегални српски пасоши има негативно влијание врз владеењето на правото во цело Косово.
Таа одлука, според неа, влијае и на напорите за интегрирање на српската заедница во Косово.
Османи го изјави ова на средбата со амбасадорот на Соединетите Држави во Приштина, Џефри Ховениер.
Министрите за надворешни работи на ЕУ на 22 јули донесоа одлука за укинување на визниот режим за граѓаните на Косово кои поседуваат српски пасоши издадени од Директоратот за координација на Србија. Одлуката се очекува да стапи во сила 20 дена по нејзиното објавување во Службениот весник на ЕУ.
Видете и ова: Советот на ЕУ ги укина визите за Србите од КосовоКосовските Срби, кои поседуваат пасоши од Координативната управа на Србија, во моментов се единствените граѓани од Западен Балкан на кои им се потребни визи за патување во Шенген зоната.
Косово не ги признава пасошите на таа управа, која работи во рамките на Министерството за внатрешни работи на Србија, а нивните сопственици не можат да ги користат за летови од аеродромот во Приштина.
Косовскиот премиер Албин Курти, исто така, ја критикуваше одлуката на ЕУ, нарекувајќи ја „неправедна и штетна“.
Властите во Косово ги охрабруваат граѓаните на Србија да добијат косовски пасоши.
Граѓаните со биометриски пасоши на Косово уживаат во либерализација на визниот режим кој почна од 1 јануари годинава.