Новиот заменик-помошник државен секретар на САД за Западен Балкан, Александар Касаноф, ќе ја надгледува американската политика за овој регион, која во основа ги поддржува сите земји од Западен Балкан на нивниот пат кон евроатлантските интеграции.
Ова е изјавата на портпаролот на Стејт департментот на Соединетите Држави (САД) на прашањето на Радио Слободна Европа (РСЕ) за целите на Касаноф на новата функција.
Касаноф на 19 јули годинава ја презеде функцијата заменик помошник секретар за Западен Балкан. На оваа функција претходно беше Габриел Ескобар, чиј мандат истече во мај.
„Нашата политика промовира регионална економска соработка и реформи кои ќе донесат траен мир, стабилност и просперитет во регионот. Ќе продолжиме да работиме со земјите од Западен Балкан и нашите европски партнери за да ги унапредиме овие цели под водство на Касаноф“, рече портпаролот на Стејт департментот за косовскиот сервис на РСЕ.
Тој додаде дека Касаноф тесно ќе соработува со лидерите на Косово и Србија и со европските партнери „на патот кон постигнување нормализирани, мирни и продуктивни односи меѓу двете земји“.
Видете и ова: Александар Касаноф ја презеде функцијата заменик помошник секретар на САД за Западен БалканКасаноф претходно беше извршен асистент на поранешната потсекретарка за политички прашања Викторија Нуланд и вршител на должноста потсекретар за политички прашања Џон Бас. Служел во Ирска, Туркменистан, Чиле и Украина.
Тој, наводно, ја добил наградата Џејмс Клемент Дан за извонредност за неговата работа како политички советник во американската амбасада во Киев за време на револуцијата на Мајден.
Се наведува дека задачите на Касаноф во Вашингтон вклучуваат служење како директор на Канцеларијата за глобална политика и програми во Бирото за меѓународни наркотици и прашања за спроведување на законот, служење како заменик директор на персоналот на Извршниот секретаријат, директор на Канцеларијата за источноевропски прашања и заменик директор на Канцеларијата за кавкаски прашања и регионални конфликти.
Касаноф дипломирал на Националниот воен колеџ, Факултетот за напредни меѓународни студии на Универзитетот Џон Хопкинс и колеџот Хамилтон. Покрај англискиот, тој го и зборува францускиот, италијанскиот, рускиот и шпанскиот јазик.