Сиљановска и Вучиќ договорија заедничка посета на манастирот Св.Прохор Пчински на Илинден

Манастир СВ.Прохор Пчински

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова и претседателот на Република Србија Александар Вучиќ договорија дека двајцата на Илинден зеднички ќе го посетат манастирот Св. Прохор Пчински. Во телефонски разговор претседателите договориле дека заедно ќе ја одбележат 80 годишнината од одржувањето на првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ).

Како што се наведува во соопштението од Кабинетот на претседателката Сиљановска Давкова, во разговорот уште биле потврдени одличните билатерални односи и истакната подготвеност за натамошно унапредување на македонско - српското пријателство, за конкретизирање на соработката во повеќе области и јакнење на меѓусебната поддршка во однос на европските перспективи и процесите на евроинтеграција на двете земји.

„Во пресрет на државниот празник 2 Август – Илинден, а во духот на добрососедските односи и заложбите за продлабочување на пријателските врски меѓу двата народи, претседателката Сиљановска Давкова и претседателот Вучиќ, изразија подготвеност заеднички да го посетат манастирот Св. Прохор Пчински и да ја одбележат 80. годишнината од одржувањето на првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ), се наведува во соопштението.

Видете и ова: Средба Вучиќ-Пендаровски: Србија и Севeрна Македонија веќе немаат oтворени прашања

Во разговорот, претседателката Сиљановска Давкова му се заблагодарила на претседателот Вучиќ за укажаната помош во справување со актуелните шумски пожари во земјава и ја потенцирала неопходноста и важноста од засилена регионална соработка во справување со природните катастрофи.

Претседателот на Србија Вучиќ во објава на Инстаграм оцени дека имал срдечен разговор со претседателката за најважните прашања од билатералните, а особено економските односи, како и за местото на Србија и Северна Македонија на агендата на проширувањето на Европската унија и взаемната поддршка на ЕУ патот.

„Претседателката на Северна Македонија се заблагодари за помошта што Србија ја пружи во гаснењето на пожарот, а јас посочив дека важноста на регионалната соработка е во тоа што можеме да си помогнеме на најдобар и најбрз начин. Се договоривме заедно да го посетиме манастирот Прохор Пчински на Илинден, што исто така ќе биде одлична можност за дополнително зајакнување на врските меѓу нашите два народи, напиша Вучиќ.

Српскиот претседател Вучиќ, како што се наведува во објавата, ја искористил можноста да ја покани неговата почитувана колешка да ја посети Србија, за да се конкретизирираат некои од плановите кои ќе ја подигнат взаемната соработка на повисоко ниво.

Инаку од пред две години Србија овозможи повторно чествување на Илинден во манастирот Прохор Пчински.