Во договор со компаниите власта ќе прави обид да воведе практична настава и за студентите по примерот со средните училишта. Ова го најави министерката за образование Весна Јаневска која рече дека освен во средните училишта, дуално образование треба да се применува и на универзитетите.
Преку развивање дополнителни алатки за студентите да имаат што повеќе пракса, е еден од предлозите за кои денеска разговараа министерката Јаневска и претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески.
Како што изјави Јаневска по средбата, тоа мора да се направи во договор со универзитетите.
„Ќе се развиваат дополнителни алатки на зголемување на праксата на универзитетите. Се разбира, тоа мора да го направиме во договор со универзитетите, почитувајќи ја нивната автономија, визави студиските програми, но искуството од некои кои веќе почнуваат да спроведуваат ваква пракса покажува дека е исклучително важно и корисно. Значи, ќе продолжиме, покрај во средните стручни училишта, да ја продолжиме оваа практика и на универзитетите. Искрено се надевам дека се повеќе компании ќе се вклучуваат во овој процес, но ние како МОН ќе почнеме и со процес на вклучување и на државни институции во практичната настава на универзитетите во нашата земја, најави министерката.
Видете и ова: Младите вандали да метат улици за „казна“?Според претседателот на Комората, Азески, со министерката ги договориле следните чекори во насока на поквалитетен систем на дуално образование во средните училишта, а ќе се направат напори овој концепт да се примени и во високото образование.
„Присуството на странските инвеститори, па и водечките домашни компании имаат потреба од нови технологии кои се значајни за зголемување на конкурентноста. Ние ќе имаме додадена вредност на нашите производи, ако ги намалиме трошоците во нашата земја, ако создадеме кадар кој нема да ја напушта татковината и ако во буџетот се одвојат доволно средства за развоја на образованието, рече Азески.
Сепак нема точна статистика за тоа колку ученици кои минале низ процесот на дуално образование, се вработиле во компаниите.
Според Јаневска факт е дека голем број од тие ученици остануваат зашто самите компании побараа на почетокот, поради недостатокот на кадар, да почне овој процес и тие навистина добиваат можност да бидат вработени во компаниите, рече Јаневска.