Црногорскиот премиер Милојко Спајиќ му предложи на Парламентот реконструиран состав на Влада, во кој, доколку парламентот го изгласа, ќе бидат вклучени партиите на прорускиот Демократски фронт (ДФ) и Бошњачката партија (БС).
Спајиќ во своето обраќање пред пратениците рече дека денес Црна Гора е најпомирената во својата историја.
„Оваа Влада е гарант на стабилноста и зрелоста. Ние сме показател како Србите и Албанците, Србите и Бошњаците, Црногорците и Србите и сите можат да живеат и работат заедно. Ќе бидеме светилник за целиот Балкан“, рече премиерот.
Пратеникот на опозициската Демократска партија на социјалисти Андрија Николиќ рече дека ова е влада која се раководи од Москва и Белград.
„Главата и мозокот се во Москва. Шефот на оваа влада е Андрија Мандиќ и затоа во неа нема национални Црногорци“, рече Николиќ.
Имено, предлогот на премиерот, е партијата на поранешниот проруски ДФ да добие две потпретседатеслки и три министерски места.
Видете и ова: Црна Гора избра ВладаОва е прва реконструкција на Владата на Спајиќ, која беше формирана на крајот на октомври минатата година со 46 гласови од вкупно 81 пратеник.
Владата тогаш ја поддржаа 13 пратеници од партиите на неодамна распуштената ДФ, Новата српска демократија на Андрија Мандиќ и Демократската народна партија на Милан Кнежевиќ, под услов да и се придружат оваа година.
Станува збор за партии чија политика е спротивна на официјалната политика на Црна Гора, која е најсериозен кандидат за влез во Европската Унија.
Овие партии се залагаат за укинување на санкциите против Русија поради нејзината агресија врз Украина, тие не ја признаваат независноста на Косово, се противат на членството на Црна Гора во НАТО, го негираат геноцидот во Сребреница и ги поддржуваат воените злосторници Радован Караџиќ и Ратко Младиќ кои се осудени во Хаг.
Видете и ова: Црна Гора влезе во нова фаза од преговорите со ЕУОсвен што го поддржуваат Путин, нивните лидери имаат блиски политички односи со претседателите на Србија, Александар Вучиќ и со претседателот на ентитетот на БиХ, Република Српска, Милорад Додик.
Официјален Вашингтон постојано предупредува и изрази загриженост дека на власт се партиите и лидерите кои активно се противат на евроатлантските вредности. Сличен став најавија и европските институции.
Но и покрај тоа, Парламентот на Црна Гора го избра Андрија Мандиќ за претседател на крајот на октомври 2023 година, што беше поддржано од претставниците на движењето „Европа сега“ на Спајиќ.