Амбасадата на Соединетите Држави во Москва побара ослободување на Алсу Курмашева, новинарка на Радио Слободна Европа, откако беше осудена на 6 и пол години затвор од рускиот суд под обвинение кое таа, нејзиниот работодавец, владата на САД и нејзините поддржувачи ги отфрлаат како политички мотивирани.
Ден по објавувањето на веста за изрекувањето на пресудата на Курмашева, амбасадата соопшти дека тоа е „тажен ден за новинарството во Русија“.
„Уште еднаш ги повикуваме руските власти да ги ослободат Алсу и другите затворени новинари“, се вели во објавата на амбасадата на социјалните мрежи на 23 јули.
„Сузбивањето на различните гласови им штети на сите Руси. Слободниот и независен печат е во срцето на демократијата, овозможувајќи им на гласачите да донесуваат информирани одлуки и да бараат одговорност од јавните службеници“, се додава во реакцијата од амбасадата на САД.
Претседателот и извршен директор на РСЕ, Стивен Капус, го нарече судењето и осудата кои беа прво објавени од агенцијата АП, „исмејување на правдата“, додавајќи дека „единствениот праведен исход е Алсу веднаш да биде ослободена од затвор од нејзините руски киднапери“.
„Време е оваа американска државјанка, наша драга колешка, повторно да се обедини со своето љубезно семејство“, рече Капус во изјавата.
Видете и ова: Рускиот суд тајно ја осуди новинарката на РСЕ Курмашева на шест ипол години затворКурмашева, 47-годишна мајка на две деца, која има двојно руско-американско државјанство беше уапсена во Казан во октомври и обвинета дека не се регистрирала како „странски агент“ според казнениот руски закон што ги таргетира новинарите, активистите на граѓанското општество и други. Таа, исто така, е обвинета за ширење невистини за руската војска.
РСЕ и американската влада велат дека обвиненијата се одмазда за нејзината работа како новинарка на радиодифузерот во Прага.
Пресудата на 19 јули дојде истиот ден кога новинарот на Волстрит журнал Еван Гершкович беше прогласен за виновен за обвиненијата за шпионажа, кои тој, неговиот работодавец и американската влада ги отфрлија како политички мотивирани.
За разлика од Гершкович и уште еден Американец, Пол Вилан, кој отслужува 16-годишна затворска казна поради обвинение за шпионажа, Курмашева не е назначена од владата на САД како „погрешно притворена“.
Видете и ова: Кои се Американците уапсени во Русија?Таквата ознака гарантира дека случајот е доделен на канцеларијата на специјалниот пратеник за заложнички работи во американскиот Стејт департмент, со што се подига политичкиот профил на ситуацијата на затворениците и и дозволува на американската администрација да одвои повеќе ресурси за обезбедување на нивното ослободување.
Американскиот национален прес-клуб, професионално здружение на американски новинари - и 18 други групи за слобода на медиумите го повикаа претседателот Џо Бајден да изврши притисок за признавање на Курмашева како „погрешно приведено“ лице.