Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека постои висок ризик од ширење на вирусот на детска парализа низ Појасот Газа и надвор од неговите граници поради лошата здравствена и санитарна ситуација во палестинската енклава која е разурната од војната.
Ајадил Сапарбеков, лидер на тимот за здравствени итни случаи на СЗО во Газа и Западниот Брег, рече дека циркулирачкиот полиовирус тип 2 бил изолиран од примероците од отпадните води во Газа.
Сапарбеков рече дека работниците на СЗО и УНИЦЕФ треба да пристигнат во четврток во Газа за да земат примероци од човечка столица како дел од проценката на ризикот поврзана со откривањето на вирусот, пренесува Ројтерс.
Тој рече дека проценката, која се надева дека ќе биде завршена до крајот на неделата, ќе им овозможи на здравствените власти да издадат препораки, „вклучувајќи ја потребата од масовна кампања за вакцинација, како и каков тип вакцина треба да се користи и која возрасна група од населението ќе треба да се вакцинира“.
Видете и ова: Израел нареди евакуација на хуманитарната зона во ГазаПолиомиелитис, кој се шири главно преку фекално-орален пат, е многу заразен вирус кој може да го нападне нервниот систем и да предизвика парализа. Тоа главно ги погодува децата на возраст под пет години.
Израелската војска соопшти дека ќе почне да нуди вакцина против детска парализа на војниците кои служат во Појасот Газа, откако беа пронајдени траги од заразниот вирус на детска парализа во примероци во областите на крајбрежната енклава.
Војската, исто така, соопшти дека со соработка на меѓународни групи, биле увезени доволно вакцини за да се опфатат повеќе од еден милион луѓе во Газа, која има вкупно население од околу 2,3 милиони.