Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој денеска беше во посета на Одделот за граѓански работи изјави дека состојбата со издавањето на лични документи се стабилизира.
„Очекуваме за еден месец издавањето на документите да се врати во законските рокови. Ќе ги зголемиме капацитетите во делот на обработка на барањата за пасоши поднесени во ДКП, со цел македонската дијаспора што побрзо да добие патна исправа. Обезбедуваме нови количини обрасци за лични документи кои ќе ги задоволат потребите за наредниот период“, напиша Тошковски на својот фејсбук профил.
Тој истакнува дека термин за итна постапка се добива за еден ден, а за редовна постапка за најмногу 10 дена.
Според него, повеќе нема интерес за закажување на термини во пунктот Идризово и истиот, како што напиша на ФБ, ќе се затвори откако ја исполни својата цел со прием на околу 25 000 барања.
Видете и ова: Не запираат фрустрациите со промената на личните документиВеќе неколку месеци граѓаните имаат проблем навремено да ги добијат личните документи со новото уставно име на земјата. Граѓани со месеци чекаат и лична карта и пасош, а во меѓувреме немаат важечки документ со кој би можеле да завршат било каква работа, не само во банка, туку и во друга институција.
Околу мај 2023 година веќе имаше наплив на барања за закажувања на термини во Министерството за внатрешни работи (МВР), кои се добиваа месеци по закажувањето.
Во целиот овој период државата не ги издаваше документите со новото име и во законскиот рок, а за граѓаните произлегоа низа други проблеми, како ограничување на нивното движење, а сега некои од нив немаат ниту еден важечки документ.
На 12 февруари оваа година истече периодот од пет години според одредбата од Преспанскиот договор потпишан во 2018 година, со која престануваа да важат патните исправи и документите за меѓународна употреба што го содржат старото име на државата.