Директорката на американската тајна служба, Кимберли Читл, во Конгресот на САД призна дека таа и нејзината агенција направиле пропуст кога атентаторот го рани републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп на митингот во Пенсилванија на 13 јули.
„Не успеавме“, рече Читл.
„Обидот за атентат врз поранешниот претседател Доналд Трамп на 13 јули е најзначајниот оперативен неуспех на Тајната служба во последните децении“, додаде таа.
„Направивме пропуст. Како директорка на американската тајна служба, ја преземам целосната одговорност за секој безбедносен пропуст“, рече Читл, сведочејќи пред Комисијата за надзор на Претставничкиот дом.
Таа се соочува со повици од републиканците кои бараат нејзина смена.
Читл додаде дека обидот за убиство на поранешниот американски претседател Доналд Трамп претставува најзначајниот оперативен неуспех во децениската работа на Тајната служба, пишува Ројтерс.
Видете и ова: Далек: Нападот врз Трамп е дел од пошироката култура на насилство во САДСоочена со наводите од републиканците дека Тајната служба ги скратила ресурсите за да го заштити Трамп, Читл рече дека безбедноста на поранешниот претседател била засилена пред пукањето.
Таа одби да одговори на конкретни прашања од републиканците и демократите за дневниот безбедносен план, велејќи дека работата се истражува внатрешно.
Во пукањето на собирот во Батлер, Трамп беше повреден во увото. Еден учесник на митингот беше убиен, а други двајца беа повредени. Осомничениот напаѓач, 20-годишниот Томас Крукс, кој работел во дом за стари лица, бил убиен од агенти на Тајната служба. Засега не е познато кој бил мотивот за нападот.
Видете и ова: Обидот за атентат врз Трамп ја потресе предизборната кампања во САДИнцидентот предизвика бес кај членовите на Конгресот, кои велат дека напаѓачот можел да се качи на покривот на зградата во близина на митингот на Трамп поради безбедносни пропусти во Тајната служба.
Службата има задача да ги заштити сегашните и поранешните претседатели. Судскиот комитет минатата недела објави дека има докази дека Тајната служба не го обезбедила соодветно митингот на Трамп.
Сведочењето го означува првиот круг од истрагата на Конгресот за пропустите во врска со атентатот.
Директорот на ФБИ, Кристофер Вреј, во среда треба да се појави пред Судскиот комитет на Претставничкиот дом.
Предвидено е и претседателот на Претставничкиот дом Мајк Џонсон да објави формирање на двопартиска работна група која ќе обезбеди почетна точка за истрага на институцијата.