Владата денеска ги објави платите на новиот владин состав, со што податоците покажуваат дека највисока нето плата добива премиерот Христијан Мицкоски од 140.450 денари.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски зема 140.405 денари и добива повисока плата за 24.865 денари од сите други министри, кои добиваат плата од 115.540 денари.
Владата денеска висините на платите на премиерот и министрите ги објави на својата официјална веб - страница во делот „отчетност“.
Исклучокот за повисоката плата на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски за зголемување за 20 отсто бил направен за извршување на функцијата.
„Додатокот на плата се исплаќа согласно решение бр.16-1561/2 од 12.06.2017 година“, велат од Владата.
Исто така е наведено дека висините на платите биле објавени како дел од заложбите на Владата за поголема дигитална транспарентност.
Функционерските плати беа значително зголемени за 78 проценти во април 2023 година и ваквата одлука предизвика силни реакции во јавноста и кај работниците и кај синдикатите кои бараа исто толку да бидат покачени и нивните плати.
Видете и ова: Остри реакции по одлуката на Уставен за повисоки плати на функционеритеЗаконот за плати на функционери предвидува основицата да биде просечната плата од претходната година, но со години беше замрзната на пониско ниво. Но, Уставниот суд на 21 март 2023 година одлучи да го укине замрзнувањето, по што платите се зголемија за 78 отсто.
Претходно, до одлуката на Уставен суд, бруто платите на функционерите се пресметуваа така што коефициентот определен за секоја функција се множеше со фиксен износ од 26.755 денари, наместо да се зема просечната бруто плата исплатена во минатата година.