Рускиот суд тајно ја осуди новинарката на РСЕ Курмашева на шест ипол години затвор

Алсу Курмашева - руско-американска новинарка на Радио Слободна Европа.

Рускиот суд ја осуди Алсу Курмашева - руско-американска новинарка на Радио Слободна Европа (РСЕ), за ширење лажни информации за руската армија, јавува АП. Како што покажуваат судските записи, но и според изјавите на официјалните лица, новинарката била осудена на шест ипол години затвор на судење кое било брзо и тајно.

Пресудата во градот Казан се случила во петокот, истиот ден кога судот во рускиот град Екатеринбург го осуди на 16 години затвор новинарот на Волстрит журнал Еван Гершкович за шпионажа и го осуди, во случај што САД го нарекоа политички мотивиран.

Видете и ова: Американски новинар осуден во Русија на 16 години затвор

Курмашева е уредник на татарско-башкирската служба на РСЕ, е осудена за „ширење лажни информации“ за војската, според веб-страницата на Врховниот суд на Татарстан.

Портпаролот на судот, Наталија Лосева, потврди за Асошиетед прес во телефонски разговор дека Курмашева е осудена на 6 и пол затвор во случај класифициран како таен, без достапни детали за природата на обвиненијата против неа.

Во врска со пресудата, претседателот и извршен директор на РСЕ, Стивен Капус, денеска го осуди судењето против Курмашева, а пресудата ја опиша како „исмејување на правдата“. Тој додаде дека „единствениот праведен исход е Алсу веднаш да биде ослободена од затвор од нејзините руски киднапери“.

„Време е оваа американска државјанка, наша драга колешка, повторно да се соедини со своето љубезно семејство“, рече Капус во изјава за АП.

Видете и ова: Кои се Американците уапсени во Русија?

47-годишната Курмашева во октомври беше уапсена во Казан и обвинета дека не се регистрирала како „странски агент“ според казнениот руски закон што ги таргетира новинарите, активистите на граѓанското општество и други. Таа, исто така, е обвинета за ширење невистини за руската војска и се соочува со казна затвор до 10 години доколку биде осудена.

РСЕ и американската влада велат дека обвиненијата се одмазда за нејзината работа како новинарка на радиодифузерот во Прага.

Пресудата на 19 јули дојде истиот ден кога новинарот на Волстрит журнал Еван Гершкович беше прогласен за виновен за обвиненијата за шпионажа -- кои тој, неговиот работодавец и американската влада ги отфрлија како политички мотивирани -- од судот во градот Екатеринберг.

Во соопштението на Белата куќа на 19 јули се вели дека Гершкович бил цел на руската влада затоа што е новинар и Американец.

За разлика од Гершкович и уште еден Американец, Пол Вилан, кој отслужува 16-годишна затворска казна поради обвинение за шпионажа, Курмашева не е назначена од владата на САД како „погрешно притворена“.

Таквата ознака гарантира дека случајот е доделен на канцеларијата на специјалниот пратеник за заложнички работи во американскиот Стејт департмент, со што се подига политичкиот профил на ситуацијата на затворениците и ѝ дозволува на американската администрација да одвои повеќе ресурси за обезбедување на нивното ослободување.

Американскиот национален прес-клуб - професионално здружение на американски новинари - и 18 други групи за слобода на медиумите го повикаа претседателот Џо Бајден во отворено писмо на 31 мај да изврши притисок за признавање на Курмашева како „погрешно приведено“ лице.

„Таа ги исполнува сите критериуми. Ова треба да се случи веднаш. Требаше да се случи пред месеци“, се вели во писмото.

„Го слушавме Стејт департментот како се превртува во ѓеврек објаснувајќи како треба да се земат предвид и други фактори покрај критериумите, но допрва треба да слушнеме јасна причина зошто Стејт департментот не може да ја прогласи за погрешно притворена“, се додава во писмото.