Министерството за финансии иницирало постапка до Владата за одземање на лиценци за приредување игри на среќа на две друштва заради неисполнување на условите од издадените лиценца, соопшти денеска мининстерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска.
Министерството за финансии кај двете друштва констатирало дека не се платени давачки утврдени со Законот за игри на среќа и за забавни игри и Законот за данок на личен доход.
„Министерството за финансии ја иницираше постапката откако од УЈП како надзорен орган на приредувањето на игри на среќа го доби записникот од извршената надворешна контрола над работењето на овие друштва“, рече Димитриеска Кочоска.
Видете и ова: Коцката е фрлена за онлајн фирмите на Државна лотаријаПрвичното барање од Министерството за финансии за добивање на записникот до УЈП било доставено уште во јули 2023 година по што биле направени неколку ургенции, а во УЈП постапиле во јуни 2024 година, откако дошло новото раководство, вели Димитриеска Кочоска.
Од доставената документација од УЈП за извршената надворешна контрола било констатирано дека кај едно од друштвата за кое е иницирана постапка за одземање на лиценцата не биле платени давачки во континуитет од јули 2022 година.
Димитриеска Кочоска вели дека Министерството за финансии доставило дописи до Финансиската полиција и до Одделението за организиран криминал при МВР за преземање активности за утврдување на фактичка состојба со цел да се утврди дали и во колкав обем има оштетување на буџетот, но додаде дека станува збор за голем износ и дека дополнително ќе треба да се утврди дали двете друштва се поврзани со поранешни функционери.