Советот на Европската Унија донесе одлука за укинување на визниот режим за граѓаните на Косово кои имаат српски пасоши, издадени од Директоратот за координација на Србија.
Одлуката е донесена на ниво на министри за надворешни работи на последната средба. Со усвојувањето на оваа одлука од страна на Советот на ЕУ, сите законодавни процеси се завршени.
Веднаш откако регулативата ќе стапи во сила, што ќе се случи на 20-тиот ден од нејзиното објавување во Службениот весник на ЕУ, таа ќе почне да се применува во сите земји-членки на ЕУ.
„Денеска Советот на ЕУ усвои регулатива со која се гарантира дека целиот регион на Западен Балкан е подложен на ист визен режим, со укинувањето на исклучувањето што претходно важеше за имателите на српски пасоши издадени од Директоратот за координација на Србија“, се вели во соопштението на ЕУ.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Министерот за надворешни работи на Србија, Марко Ѓуриќ, ја поздрави одлуката на Советот на ЕУ.
„Мала, но важна победа за човековите права на Србите на Косово и Метохија“, напиша шефот на дипломатијата на Србија на платформата Х на 22 јули.
Процедурите за укинување на визниот режим за граѓаните на Косово кои поседуваат само српски пасоши, почнаа поради одлуката за безвизен режим со Косово, која стапи на сила на први јануари годинава.
Косово не го признава тој пасош и носителите на тие пасоши не можат да летаат од аеродромот во Приштина.
Со укинувањето на визите за косовските пасоши, само косовските граѓани кои поседуваа документи издадени од Координативната управа на Министерството за внатрешни работи на Србија во Белград за граѓаните во Косово, останаа единствените во регионот на кои им требаше виза за патување во Шенген зона.
Во ноември минатата година Европската комисија предложи укинување на визите за оваа категорија граѓани. Европскиот парламент го изгласа во април годинава.