Педесет и четири оператори со храна добиле казни, а на осум им е изречена забрана за работа. Ова е епилогот од вонредните контроли на инспекциските тимови на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) кои биле спроведени во период од 16 до 19 јули.
Од АХВ денеска информираа дека со контролите биле опфатени 112 објекти во туристичките центри Дојран, Охрид, Струга и Преспа.
Со контролите било утврдено неисполнување на општите и посебните хигиенски барања во сите фази на производство, преработка и дистрибуција на храна, неимплементирање на сите процедури на ДПП/ДХП базирани на НАССР принципите, храна со поминат рок на употреба, промет на храна без декларација и означување согласно Законот за безбедност на храна и подзаконските акти според кои ваквите производи се прогласуваат за небезбедни за човечка употреба и нештетно се уништуваат.
„Од страна на инспекторите за храна и официјалните ветеринари констатирана беше и работа на објекти- оператори со храна кои не се регистрирани или одобрени за работа од страна на АХВ, поради што беа изречени мерки забрана за работа, а затекнатите производи беа забранети за промет и нештетно уништени. Утврдени беа и лоши инфраструктурни и хигиенски услови во кујните, производствените простории, за што некои оператори добија времена мерка забрана за работа“, се наведува во соопштението од АХВ.
Видете и ова: Скопска жега-тешко се живее на жешкоИсто така од промет биле отстранети 8700 килограми небезбедна храна која како што додаваат, била уништена.
Од АХВ најавуваат дека и во наредниов период ќе продолжат со спроведување на вонредни контроли и во другите туристички центри, а поради високите температури на сила останува мерката за засилени контроли кај операторите со храна на целата територија на земјава.