Во моментов во Северна Македонија има девет активни пожари на отворено, исто како и утрото на 21 јули, информираше директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов.
Во видео изјава, која од терен ја испрати до медиумите, Ангелов информира дека на планината Серта повторно се појавило големо жариште. Поточно над селото Пухче и се шири кон селото Селце. Огнената стихија на оваа планина беше и најсериозниот пожар со кој се справуваа пожарникарите и припадниците на безбедносните сили изминатите денови.
Видете и ова: Ангелов: Утрово активни се девет пожариПоради сериозноста на овој пожар, за негово гаснење ангажирани се двата ер-трактори од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).
„Овде имаме и еден засебен крак на планина Серта, којшто започнува некаде зад полигонот Криволак и се движи во насока на военото стрелиште Пенуш и во насока на реката Брегалница. Тука имаме фокусирано повеќе лица на земја, покрај поголем број на локални пожарникари, имаме 30 припадници на полициските Тигри, десет припадници на Армијата, како и 40 припадници на ДЗС“, вели Ангелов додавајќи дека на Серта има уште една активна точка.
Првичниот план бил леталата на ДЗС да помагаат во гаснење на пожар кај селото Фариш, Кавадарци, но поради избивање на жариштето на Серта тие биле пренасочени.
Во текот на попладневните часови се очекува со ер-тракторите да се дејствува и на нов пожар што се појавил кај селото Мрзенци во Гевгелија.
Пожари беснеат и на територијата на Општина Чашка. За еден од нив, над селата Габрени, Мокрени и Богомила, утрово дејствувале армиски и полициски хеликоптер. Во оваа општина има пожар и на врвот Лисец.
Меѓу активните пожари е и тој кај селата Тажево и Брезница во општина Македонски Брод. Таму утрото бил упатен еден армиски хеликоптер, но поради густиот чад не можел да дејствува.
Според информациите од ЦУК, покрај локалните пожарникари и населението кое помага, вкупно на територијата на државата за гаснење на пламените јазици во моментов ангажирани се 150 припадници на Армијата, 30-тина припадници на МВР, како и 40 припадници на ДЗС.
Видете и ова: Српскиот тим, кој гасеше пожари во Северна Македонија, се врати домаИзминативе денови се гаснеше и со хеликоптери од земјите од регионот откако Владата побара помош. Но, во моментов дејствуваат само македонски летала, односно двата ер-трактори на ДЗС, два хеликоптери на МВР, како и два хеликоптери на Армијата.
„За жал, од странските летала останат е само црногорскиот хеликоптер, којшто покажа некој дефект и моментално му се врши сервисирање. Доколку биде успешно отстранет, тој денес ќе продолжи со дејство“, вели Ангелов.
Поради пожарите кои се појавија во екот на топлотниот бран што ја зафати Северна Македонија Владата од 14 јули прогласи и 30-дневна кризна состојба.