Руските борбени авиони МиГ-29 и МиГ-31 пресретнале американски стратешки бомбардери Б-52Х кои се приближувале до државната граница на Русија над Баренцовото Море, соопшти во неделата (21 јули) руското Министерство за одбрана.
„Руските системи за контрола на воздушниот простор над Баренцовото Море открија групна воздушна цел која се приближуваше до државната граница на Руската Федерација“, се наведува во соопштението на Министерството, пренесе РИА Новости.
„Со цел да се идентификува воздушната цел и да се спречи нарушување на државната граница на Руската Федерација, во воздух беа кренати ловците МиГ-29 и МиГ-31 од дежурните сили за противвоздушна одбрана“, наведува руското Министерство.
Видете и ова: Кинеско-руските поморски вежби насочени кон „безбедносните закани“Се додава дека екипажот на авионот открил пар американски стратешки бомбардери Б-52Х, кои го коригирале правецот на летање и се оддалечиле од руската граница кога им се приближиле руските авиони.
Во соопштението на Министерството за одбрана на Руската Федерација се наведува дека руските ловци летале строго во согласност со меѓународните правила за користење на воздушниот простор над неутрални води и со почитување на безбедносните мерки.
Војската на САД врши рутински прелетувања над меѓународните води, операции што велат дека се спроведуваат во неутрален воздушен простор и во согласност со меѓународното право. Но, во последните месеци, Москва одговара поагресивно на овие вежби, а во јуни предупреди дека летовите на американските беспилотни летала над Црното Море може да доведат до „директен“ воен конфликт.