Украинскиот парламентарен комесар за човекови права реагираше дека „огромното мнозинство“ украински затвореници кои се вратиле во земјата при размена со Русија, рекле дека не комуницирале со претставниците на Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК) додека биле во притвор.
„Сакам да нагласам, зборувајќи со нашите ветерани кои беа вратени од непријателско заробеништво, дознав дека огромното мнозинство од нив не ги виделе или не комуницирале со претставниците на Црвениот крст во текот на целиот период на притвор“, изјави народниот правобранител Дмитро Лубинец за украинскиот сервис на Радио Слободна Европа на 20 јули.
Лубинец реагираше на неодамнешните коментари на шефот на руската делегација на МКЦК, Борис Мишел, кој за руските медиуми изјави дека персоналот на Црвениот крст посетил „3.100 затвореници во Русија и Украина“.
Мишел не прецизираше колку посети се направени во секоја земја одделно, забележа Лубинец.
Видете и ова: Русија и Украина разменија 190 затвореници„Причината за ова е што скоро сите посети во овој број беа на руски воени заробеници што ги држи Украина, бидејќи нашата земја цврсто се придржува до барањата од Женевската конвенција“, вели тој.
Лубинец го критикуваше МКЦК затоа што ги повикал „двете страни“ да дозволат пристап до затворениците без да ја признае „практиката на Русија да не му дозволува на персоналот на Црвениот крст пристап до местата каде што се чуваат украинските бранители“.
Тој го повика МКЦК да „работи со вистински бројки“ за да не ја доведе во заблуда јавноста или роднините на украинските затвореници.
Во коментарите цитирани од руската државна новинска агенција РИА Новости, Мишел вели дека водел „продуктивен дијалог“ со руските власти во врска со посетите на затворениците.
Во последната размена меѓу Киев и Москва на 17 јули, околу 95 украински затвореници беа ослободени од Русија. Тоа беше 54-та размена откако Русија ја започна својата целосна инвазија на Украина во февруари 2022 година, што резултираше со ослободување на 3.405 украински воени заробеници.
Украинското обвинителство отвори повеќе од 450 кривични случаи под сомнение за злоупотреба на украински затвореници од страна на Русија.