Во текот на вчерашниот ден (20 јули), според информациите на Центарот за управување со кризи (ЦУК), имало вкупно 30 пожари на отворен простор.
Од нив, утрото на 21 јули активни сè уште девет пожари, 15 се целосно изгаснати, а шест се ставени под контрола односно се пожари кои сè уште горат, но не може да се шират, соопшти директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов.
Според проценките за ризиците, од ЦУК велат дека приоритет во гаснењето ќе дадат на пожар во општина Чашка каде ќе бидат ангажирани и два хеликоптери – од МВР и Армијата, како и 55 војници.
Видете и ова: Во пожарот кај неготинско изгоре површина двојно поголема од градотЕден армиски хеликоптер и 30 припадници на Армијата ќе бидат засилување во борбата со пламените јазици во Општина Македонски Брод, кај селата Тажево и Брезница.
Меѓу приоритетните ќе биде и пожар кај селото Фариш, Кавадарци, каде ќе дејствуваат двата ер-трактори на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) и 20 припадници на Тигрите.
И пожарот на Криволак кон Брегалница е во фокусот на ЦУК и таму ќе помагаат 30 припадници на Тигрите.
Во екот на топлотниот бран што го зафати регионот во јули, пожарите во Северна Македонија опустошуваат стотици хектари. Од 14 јули Владата прогласи и кризна состојба. Во гаснењето на пожарите вклучена е и Армијата и полицијата, а помош има и од земји од регионот.