Ветераните и членовите на семејството на поранешниот припадник на Ослободителната војска на Косово (ОВК), Блерим Рамадани, денеска (20 јули) протестираа пред Основниот кривичен суд во Скопје и бараа негово ослободување откако беше уапсен при обид за влез во државата преку граничниот премин „Јажинце“, јавува Алсат ТВ.
„Апсењето е извршено врз основа на налог за апсење издаден од белградскиот суд преку Интерпол Србија. Овој чин, 25 години по праведната борба на Албанците за слобода и еднаквост, демократија и независност е неприфатлив и бараме негово итно ослободување без никакво одлагање и негово враќање кај семејството. Секој ден одложување е тенденциозен за навреда и понижување на нашата праведна војна и оваа акција нема да се толерира“, изјавил Мевлудин Бајрами, ветеран на ОВК, пренесе Алсат ТВ.
Видете и ова: МВР потврди дека е уапсен поранешен припадник на ОВК, Косово бара негово ослободувањеБлерим Рамадани е косовски државјанин, а беше приведен на граничниот премин меѓу Северна Македонија и Косово на 17 јули по барање на Интерпол Србија.
Приведувањето тогаш го потврди и македонското Министерството за внатрешни работи (МВР), откако претходно информацијата ја објави косовското Министерство за надворешни работи и дијаспора.
Косовските власти информираа дека со овој случај се занимава и амбасадорот на Косово во Северна Македонија и дека властите работат на брзо ослободување на Блерим Рамадани.
Ден по приведувањето, на 18 јули, Основниот кривичен суд Скопје, на барање на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција на Рамадани му определи екстрадициски притвор.
Видете и ова: Екстрадициски притвор за приведениот поранешен припадник на УЧК РамаданиИнаку властите во Србија досега уапсиле четворица државјани на Косово, кои Белград ги обвини за воени злосторства. Косовските власти го оценија како произволно и неправедно апсењето на косовски државјани во Србија за овие обвиненија и побараа помош од меѓународниот фактор за нивно ослободување.
Министерката за правда Албулена Хаџиу на почетокот на јули преку писмо испратено до својот српски колега побарала трансфер на косовските државјани кои се притворени во Србија. Сепак, Хаџиу изјави дека е малку веројатно Србија да одговори на барањето на косовските власти за екстрадиција на косовските граѓани, поради тековната правна несоработка.