Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека Унгарија е „вистински пријател“ на Северна Македонија бидејќи Владата на премиерот Виктор Орбан со заемот од 500 милиони евра, дала конкретна помош наместо да го тапкаат по рамо.
„Јас сум благодарен бидејќи кога на човека му е тешко треба да ги види тогаш вистинските пријатели. Инаку рамото ми отпадна од поттапнување колку сме ние добри, а за жал никој не ни помага кога ни е тешко. За да го зачуваме рамото, еве ги поканувам сите вистински пријатели кога нам ни е тешко, кога треба помош и поддршка,да ни помогнат со нешто кое може сите да го видиме. Не со басни, со приказни и со сказни. Ова е конкретна помош“, изјави денеска (20 јули) Мицкоски.
Тој вели дека е благодарен што добиле помош од пријатели на самиот почеток како нова Влада за да направат нешто за граѓаните и, како што рече, „да се консолидираме“ и „бидеме свои на своето“.
Видете и ова: Владата подготвува закон, Унгарците „во прашалници“ за милијардата од Орбан за МицкоскиПремиерот најавува дека наскоро очекуваат и пари од Европската Унија (ЕУ) преку Планот за раст.
„При крај сме со уште една владина одлука, а тоа е да го одобриме оној т.н. План за раст кој го има самата ЕУ. И од таму очекуваме голема финансиска инјекција. Мислам дека ќе биде околу 750 милиони евра во рок од четири години. Првиот трансфер го очекуваме оваа есен така што не е само оваа поддршка (од Унгарија) туку и овие средства кои ќе бидат префрлени директно во Буџетот. Благодарност и до ЕУ и до сите пријатели кои кога ни е потребна помош, ни помагаат“, рече Мицкоски.
Заемот од Унгарија, Мицкоски го договори со Орбан за време на учеството на Самитот на НАТО во Вашингтон. Како што соопшти Владата на 11 јули, условите кои биле договорени е каматата на кредитот од 500 милиони евра да биде 3,25 проценти со три години грејс период и 12 години рок на отплата, што е вкупно 15 години.
Претходно Мицкоски најавуваше заем од една милијарда, но според последните негови изјави, втората половина од милијардата би се земала следната година.
Од првите 500 милиони евра, 250 милиони евра ќе одат за фирмите, а другата половина за проекти за општините.
За задолжувањето, како што веќе пишуваше Радио Слободна Евроа, во Владата се „крчка“ закон кој треба да биде исрпатен на усвојување во Собранието.
Веста за задолжувањето предизвика интерес и кај унгарската јавност каде се отвори прашањето од каде толку пари за Унгарија да даде заем на Северна Македонија.
Кредитот, како што објавија унгарските медиуми, ќе го финансира „Ексим“ банката која е во стопроцентна државна сопственост.
Радио Слободна Европа испрати прашања до банката за детали околу исплатите и условите, но одговор од таму нема.
За неа веќе се знае дека сличен кредит има дадено на Република Српска, во договор со претседателот Милорад Додиќ во 2021 година.
Видете и ова: Мицкоски со Орбан договорил унгарски кредит од 500 милиони евраЕкономскиот медиум „Маѓар наранч“ во последниот текст посветен на заемот за Северна Македонија потенцира дека има многу малку информации за последниот кредит кон оваа држава.
Го поставуваат и прашањето што добро ќе извлече Унгарија од заемот кој го дава на земјата од каде доаѓа и поранешниот осуден премиер Никола Груевски кој доби азил токму во Унгарија.
Според медиумот, заемот кон Северна Македонија е многу поголем од вкупно претходно дадените заеми на Република Српска, Египет, Лаос или Индонезија.