Државен правобранител меѓу обвинети за тепачка во Струга

Тепачката се случила во август лани во Струга (фотоархива)

Основното јавно обвинителство (ОЈО) во Струга поднесен обвинителен предлог против пет лица поради тепачка која започнала меѓу деца, а подоцна се вмешале и родители и роднини.

„Еден од обвинетите во моментов извршува функција државен правобранител за подрачјето на Струга“, соопшти ОЈО Струга.

Петмината лица се обвинети за кривичното дело „учество во тепачка“.

Видете и ова: Младите вандали да метат улици за „казна“?

Поднесувањето на обвинителниот предлог доаѓа по поминати околу 11 месеци од тепачката.

Како што објави Обвинителството, настанот се случил на 17 август лани, кај лунапарк на улицата „Партизанска“ во Струга.

„Прво две 16-годишни деца започнале меѓусебна расправија и тепачка. Се вклучиле родители на двете деца и други роднини од двете страни“, велат од ОЈО Струга.

Физичката пресметка кулминирала со тоа што едно од децата се здобило со тешки повреди од ударите со тупаници – скршеници на вилица, повреди на главата и телото, подливи и исеченици.