Дипломатскиот пасош не е привилегија, туку е само право кое служи единствено за извршување на службената должност на членовите на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) и тоа право никогаш нема да се употребува за приватни цели.
Ова е дел од реакцијата на Антикорупциската комисија по реакциите што ги предизвика во јавноста објавата во медиумите дека членовите побарале да извадат дипломатски пасоши за патување.
Антикорупционерите велат дека ова право им го дозволува Законот за патни исправи на државјани на Република Северна Македонија во членот 11 каде се наведува дека „дипломатски пасош се издава на избрани и именувани лица, раководни државни службеници и раководни работници во државните органи“ итн.
Членовите на ДКСК, потенцираат, спаѓаат во овие категории бидејќи беа избрани едногласно од страна на Собранието.
Видете и ова: ДКСК: Демири незаконски ги разрешил директорите на клиниките за токсикологија и за кардиохирургијаМНР: Антикорупционерите немаат задолжително право на дипломатски пасош
За разлика од ДКСК, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија (МНР) има поинаков став околу прашањето дали по антикорупционерите ги следуваат дипломатски пасоши.
Според соопштението кое го објави МНР, членовите на оваа Комисија не влегуваат во категоријата на лица кои имаат задолжително право на дипломатски патни исправи. Но, додаваат, „истовремено, на одредени категории, доколку министерот процени дека има потреба, Министерството за надворешни работи има право да издаде дипломатска патна исправа“.
Од МНР, со кое сега раководи Тимчо Муцунски од ВМРО-ДПМНЕ, појаснуваат дека членовите на ДКСК доставиле барања за дипломатски пасоши во април кога претходниот министер Бујар Османи позитивно одговорил само за претседателката на Комисијата, Татјана Димитровска.
„Во однос на останатите членови на ДКСК, пишува во соопштението, „министерот ќе направи дополнителни консултации со цел да биде донесена соодветна одлука, односно дали постојат оправдани причини и тие евентуално да добијат дипломатски или службени патни исправи“.
„Не сме побарале возила за членовите“
Покрај за прашањето за дипломатски пасоши, антикорупционерите во денешната реакција ги негираат и информациите дека побарале доделување на службени автомобили.
„ДКСК како институција има потреба од службени возила и за истите ќе се бара соодветно решение, но потенцираме ниту се побарани, ниту ќе бидат барани одделни возила за членовите на ДКСК“, велат од Комисијата.
Тие испраќаат и порака дека единствена „морална вертикала“ по која јавноста ќе може да ја оцени нивната работа ќе биде бројот на затворени предмети.
За пет месеци досега, нагласуваат, затвориле бројни предмети: 21 од областа на судирот на интереси, 61 за спречување корупција, како и 107 од следење на имотната состојба.
„На седницата која е закажана во среда на 24 јули, ќе бидат разгледувани околу 150 предлог одлуки по оформени предмети од новиот состав на ДКСК. Дополнително, започнати се и активно се постапува на точно 103 постапки за прекршоци предвидени во Законот за спречување на корупција и судирот на интереси. Потенцираме дека само и единствено со вакви факти ќе ја презентираме успешноста на нашата работа, наспроти популизмот наметнат во јавноста“, велат од ДКСК.
Актуелниот состав на антикорупциска, во својата реакција „удира“ и по нивните претходници и експретседателката Билјана Ивановска обвинувајќи ја дека „била присутна во јавноста со паушални изјави за секакви случаи без претходно да се провери документацијата и да се направи проценка дали имало основ за отворање предмети“.
Видете и ова: ДКСК ќе бара одговорност за случајот со Академијата на судии и обвинителиПо претходниците ги прозиваат и бидејќи за цел мандат им биле прифатени „исклучително мал број иницијативи“ за поведување кривична постапка од Обвинителството.
„Иако според претходниот состав на ДКСК тоа се должеше на несоодветната работа на Јавното обвинителство можеби причините треба да се бараат во немањето на доволно аргументи, површноста и квалитетот на иницијативите“, велат од ДКСК.
Реакција на поранешните антикорупционери
На ваквите наводи, реагираше претходниот состав на Антикорупциската комисија. Експретседателката Билјана Ивановска објави реакција во која порача дека како поранешни членови тие немаат никакво влијание врз работата на Комисијата.
За нападите за тоа што и како сработиле во нивниот мандат, Ивановска возврати дека за тоа говорат извештаите за работењето и оценките од Европската комисија и другите меѓународни организации.
Во заедничката реакција, одговорија и за прашањето за дипломатските пасоши.
„Тоа што немавме дипломатски пасоши и службени автомобили ниеднаш не нè спречи навреме да стигнеме и активно да учествуваме на сите сесии од скринингот со ЕК во Брисел“, реагираат поранешните антикорупционери.
Актуелниот состав на ДКСК, на чело со претседателката Татјана Димитровска, мандатот го започна на 8 февруари 2024 г.
Тројца од седумте члена на овој тим, вклучително и претседателката, се ревизори од Државниот завод за ревизија, двајца беа вработени во службите на Антикорупциската комисија. Има и една судијка, како и еден член кој претходно работеше во областа за ревизија на претпристапната помош за ЕУ.