Војници денеска (20 јули) патролираат по празните улици во Дака, главниот град на Бангладеш, откако беше воведен полициски час за да се смират протестите за време на кои загинаа повеќе од 100 лица. Демонстрациите се организираа против квотите за работни места во државните служби што ги воведе Владата.
Според податоците од болниците низ Бангладеш, кои ги објави Ројтерс, во судирите со полицијата за време на демонстрациите предводени од студентите, оваа недела загинале најмалку 105 лица, а илјадници биле повредени.
Во Бангладеш од четвртокот стапи на сила и суспензија на интернетот и размената на текстуални пораки.
Локалните телевизии јавија дека полицискиот час нема да важи два часа во текот на денот (20 јули) за да им се дозволи на граѓаните да си набават намирници и да ги завршат неопходните обврски.
Видете и ова: Педесет загинати во студентските протести во БангладешНемирите ширум Бангладеш првично избувнаа бидејќи студентите жестоко се спротивставија на воведувањето нови квоти за владини работни места, вклучително и квота од 30 отсто за ангажирање членови на семејствата на оние кои се бореле за независност од Пакистан.
Во изминатите пет дена полицијата употребуваше солзавци и шок-бомби за да ги растера демонстрантите кои фрлаа камења кон безбедносните сили.
Поради зголемувањето на бројот на жртвите и поради тоа што полицијата не можеше да ги задржи насилните протести, Владата во петокот воведе национален полициски час и ја распореди војската низ улиците.
Полицискиот час ќе трае до недела наутро, кога Владата треба да излезе со нова проценка на состојбата и да одлучи за понатамошните чекори.
Демонстрациите беа предизвикани и поради високата невработеност меѓу младите луѓе, кои сочинуваат речиси една петтина од вкупното население од 170 милиони.
Меѓународните групи за човекови права ги критикуваа акциите на безбедносните сили за време на протестите во Бангладеш.