Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека разговарал со републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп и се согласил на „лична средба“ за да разговараат за чекорите кон траен мир со Русија.
Зеленски разговарал со Трамп на 19 јули, еден ден откако републиканскиот кандидат ја прифати номинацијата од неговата партија и вети дека ќе стави крај на војната во Украина доколку биде избран.
„Разговарав со Доналд Трамп за да му честитам на републиканската номинација и да го осудам шокантниот обид за атентат во Пенсилванија. Му посакав сила и апсолутна безбедност во иднина“, напиша Зеленски во објавата на платформата Икс, алудирајќи на обидот за атентат на 13 јули на предизборен митинг кога Трамп беше полесно повреден во увото.
Видете и ова: Трамп вети крај на војните и ослободување на американските заложнициЗеленски рече дека се согласил со Трамп да „разговараат на лична средба за тоа кои чекори можат да го направат мирот праведен и вистински траен“, без да даде никакви детали за тоа кога и каде ќе се одржи таквиот состанок.
Американскиот републикански претседателски кандидат Доналд Трамп претходно на социјалната мрежа „Трут“ објави дека во петокот имал „многу добар разговор“ со украинскиот претседател Зеленски. Тој вети дека преку преговори ќе стави крај на војната меѓу Киев и Москва „дури и пред да ја преземе функцијата во јануари доколку победи на изборите на 5 ноември“.
„Двете страни ќе можат да се состанат и да преговараат за договор што ќе стави крај на насилството и ќе го отвори патот напред кон просперитетот“, рече Трамп.
Целосната руска инвазија на Украина, во која загинаа десетици илјади луѓе од двете страни, сега е во својот 29-ти месец и не и се гледа крајот. Русија моментално окупира околу 17 отсто од територијата на Украина.
Повикот на Зеленски доаѓа откако во Киев и во другите европски престолнини расте загриженоста дека Трамп ќе добие уште еден четиригодишен мандат во Белата куќа.
Шансите на републиканецот да победи на изборите во ноември 2024 година се подобрија откако лошиот настап на 81-годишниот актуелен претседател Џо Бајден во минатомесечната дебата покрена прашања за неговото физичко и ментално здравје.