Компанијата за сајбер безбедност уверува дека техничките проблеми не се безбедносен инцидент

илустрација

Извршниот директор на CrowdStrike, компанијата за сајбер безбедност, за која постојат сомневања дека е главниот виновник за големите технички проблеми со кои денеска (19 јули) се соочија многу аеродроми, медиуми, банки, продавници ширум светот, изјави дека „CrowdStrike активно работи со своите клиенти кои се погодени од дефект откриен во ажурирањето на уредите што работат на оперативниот систем „Windows“.

„Ова не влијаеше на компјутерите на Mac и Linux. Ова не е безбедносен инцидент или сајбер напад“, рече Џорџ Курц.

Тој додаде дека проблемот бил идентификуван и изолиран.

„Ги упатуваме корисниците на порталот за поддршка, каде што можат да ги преземат најновите ажурирања. Ќе продолжиме да обезбедуваме пристап до нив“, рече Курц.

Тој препорачува организациите да се погрижат да комуницираат со претставниците на CrowdStrike преку официјални канали.

„Нашиот тим е целосно мобилизиран за да обезбеди безбедност и стабилност на сите наши клиенти“, уверува извршниот директор на CrowdStrike.

Видете и ова: Голем технички дефект предизвика светски проблем

Во меѓувреме, унгарската авио-компанија „Wizz Air“ ги предупредува патниците денеска да пристигнат на аеродром најмалку три часа пред нивниот лет бидејќи се очекуваат потенцијални прекини поради тековниот проблем на глобалните ИТ системи.

Како што информираа од „Wizz Air“, може да има прекини низ мрежата бидејќи услугите на веб-страната и мобилните апликации привремено се недостапни.

Во светот денеска беа пријавени проблеми и прекини во ИТ-мрежите во глобалните институции, вклучувајќи банки, телекомуникациски компании, медиуми и авиокомпании, приземјени се авиони, медиуми не емитуваат програми, а погоден е и компјутерскиот систем на Летните олимписки игри во Париз, кои почнуваат за една недела.

Видете и ова: Погоден компјутерскиот систем на Олимписките игри во Париз

Компанијата „Мајкрософт“ соопшти дека презема „акции за ублажување“ на проблемите кои ги пријавија корисниците, а поради кои во компаниите и банките ширум светот дојде до технички проблеми и прекини во функционирањето.

Во меѓувреме, акциите на групата за сајбер безбедност CrowdStrike паднаа за 20 отсто во претпазарното тргување на ВолсСтрит поради глобалниот прекин на компјутерскиот систем.