Руските обвинители бараат 18-годишна казна за новинарот Гершкович

Новинарот на „Волстрит Џурнал“ Еван Гершкович во судница

Обвинителите побараа од судот во Русија да го прогласи новинарот на „Волстрит Џурнал“ Еван Гершкович за виновен и да го осуди на 18 години затвор. Новинарот е обвинет за шпионажа што тој, неговиот работодавец и американската влада ги отфрлија како политички мотивирани.

Откако ги слушна завршните зборови во случајот на 19 јули, еден ден откако работодавачот на Гершкович и американскиот Стејт департмент побараа негово итно ослободување, судот рече дека ќе ја донесе својата одлука подоцна во текот на денот, објавија локалните медиуми.

Судењето, кое започна на 26 јуни, се одржува зад затворени врати во регионалниот суд во Свердловск во градот Урал, Екатеринбург, откако беше поместено од 13 август на барање на тимот на одбраната.

Гершкович беше уапсен во Екатеринбург на 29 март 2023 година, додека беше на службено патување, а потоа беше обвинет за обид да добие информации за фабриката што произведува тенкови за руската војна во Украина и да ги предаде на ЦИА. Тој е првиот американски новинар уапсен под обвинение за шпионирање во Русија по Студената војна.

На 32-годишниот син на имигранти од поранешниот Советски Сојуз, роден во Америка, му се заканува казна затвор до 20 години доколку биде прогласен за виновен, исход кој е сосема сигурен.

Волстрит Џурнал и американската влада категорично ги отфрлија обвиненијата за шпионажа, велејќи дека Гершкович само ја вршел својата работа како акредитиран новинар кога бил уапсен. Од Волстрир Џурнал во соопштение на 18 јуни соопштија дека Гершкович бил неправедно уапсен пред 477 дена.

„И покрај тоа што Русија го организираше своето срамно лажно судење, ние продолжуваме да правиме се што можеме за да се заложиме за итно ослободување на Еван“, се вели во соопштението на весникот.

Видете и ова: Во Екатеринбург продолжува судењето на новинарот Гершкович

Според портпаролката на судот, цитирана од весникот, судот ќе ги сослуша „усните аргументи“ од двете страни на 19 јули пред Гершкович да даде „конечна изјава“ и судот да донесе пресуда. Портпаролката не даде временска рамка за следните потези.

Но, брзото темпо на процедурите веројатно ќе им даде простор на шпекулациите за можна размена на затвореници меѓу Русија и САД.

Заменик портпаролот на американскиот Стејт департмент Ведант Пател на 18 јули не ги коментираше можните преговори за размена на затвореници, но рече дека Вашингтон бара ослободување на Гершкович и уште еден затворен американски државјанин, поранешниот маринец Пол Вилан, што е можно поскоро.

„Временската рамка на судењето и начинот на кој се движи нема никакво влијание врз итноста што ја имаат Соединетите Држави. Ние ги сакаме двајцата веднаш дома и ќе продолжиме да работиме во оваа област додека тие не се соединат со своите семејства“, рече Пател.

Видете и ова: Кои се Американците уапсени во Русија?

Русија се пожали на извештаите на американските медиуми за можна размена на Гершкович. Говорејќи на 17 јули во Обединетите нации во Њујорк, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров повторно го покрена ова известување, обвинувајќи ги „Американците“ за јавно изнесување на можна размена, за која рече дека „не помага“.

Лавров на прес-конференција рече дека доверливите преговори сè уште се „во тек“. Русија претходно сигнализираше можност за размена, но вели дека прво треба да има пресуда.

Жалбите на Гершкович за ослободување од злогласниот московски затвор Лефортово, каде што тој се наоѓа од неговото апсење, се одбиени. Неговото апсење дојде околу една година откако Русија ги усвои новите закони со кои се криминализира критиката за руската војна против Украина, која Кремљ ја нарекува „специјална воена операција“ и изјавите кои се сметаат за дискредитирање на војската.