Екстрадициски притвор за приведениот поранешен припадник на УЧК Рамадани

MACEDONIA - MINISTRY OF INTERNAL AFFAIRS of NORTH MACEDONIA

Попладнево на 18 јули, по барање на Обвинителството за организиран криминал, Кривичниот суд - Скопје му определи 30 дневен екстрадициски притвор на Блерим Рамадани, поранешен припадник на УЧК. Тој од македонските власти вчера беше приведен на граничниот премин Јажинце по потерница од Интерпол Србија.

Македонското министерство за внатрешни работи потврди дека вчера (17 јули) бил уапсен косовски државјанин, по претходно барање на Интерпол Србија.

„На 17.07.2024 во 16:00 часот на Граничниот премин Јажинце, на влез во државата, полициски службеници го лишиле од слобода Б.Р.(47) од Косово затоа што при пасошка контрола и извршени проверки било констатирано дека e евидентиран со мерка „апси“ по барање на Интерпол Србија. Тој бил предаден на полициски службеници од СВР Тетово за понатамошна постапка“ велат од МВР.

Веста прво ја објави Министерството за надворешни работи и дијаспора на Косово.

„Станува збор за г-дин Блерим Рамадани, поранешен припадник на Оперативната зона Неродиме на Ослободителната војска на Косово“, соопшти Министерството синоќа.

Видете и ова: МВР потврди дека е уапсен поранешен припадник на ОВК, Косово бара негово ослободување

Оттаму информираа дека со овој случај се занимава и амбасадорот на Косово во Северна Македонија и дека властите работат на брзо ослободување на Блерим Рамадани.

Од македонското Министерство за правда велат дека до овој момент до нив нема пристигнато барање за екстрадиција на уапсениот од страна на косовските институции.

Инаку властите во Србија досега уапсиле четворица државјани на Косово, кои Белград ги обвини за воени злосторства. Косовските власти го оценија како произволно и неправедно апсењето на косовски државјани во Србија за овие обвиненија и побараа помош од меѓународниот фактор за нивно ослободување.

Министерката за правда Албулена Хаџиу на почетокот на јули преку писмо испратено до својот српски колега побарала трансфер на косовските државјани кои се притворени во Србија. Сепак, Хаџиу изјави дека е малку веројатно Србија да одговори на барањето на косовските власти за екстрадиција на косовските граѓани, поради тековната правна несоработка.