Премиерот Христијан Мицкоски во рамки на Самитот на Европската политичка заедница во Велика Британија кој се одржува на 18 јули оствари неколку средби со политички лидери од регионот и Европа.
На кратката средба и разговор со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, Мицкоски, како што напиша на Фејсбук ја потенцирал „недвосмислената поддршка на Македонија кон Украина и украинскиот народ“
„Македонија и македонскиот народ се хумана нација и сочувствуваат во овие тешки историски предизвици и несогледливи последици. Нашите односи се базира на вистинско пријателство од каде произлегуваат принципи, вредности и разбирање, напиша Мицкоски на Фејсбук.
Покрај Зеленски, Мицкоски објави дека во Лондон остварил средба и со српскиот претседател Александар Вучиќ, на која разговарале за продлабочување на соработката, како и за мирот и стабилноста на регионот.
„Добрососедските односи се клучен фактор за просперитет и развој на земјите од Балканот, и во тој контекст се договоривме наредниот период да продолжиме со добрата комуникација помеѓу двете земји. Економијата и трговската размена, како и подобрување во инфраструктурното поврзување помеѓу Македонија и Србија треба да бидат значаен фактор кон развивање на двете земји“, објави Мицкоски на Фејсбук.
Видете и ова: Самит на Европската политичка заедница во БританијаНа средбата, пак со унгарскиот премиер Виктор Орбан, разговорот опфатил неколку теми меѓу кои евроинтеграцискиот процес, идните чекори на Унгарија како претседавач со ЕУ и унапредување на економската соработка, особено во делот на енергетиката.
„Добрите билатерални односи помеѓу двете земји ќе продолжат во насока на зајакнување на полето на економијата и енергетиката. Исто така се заблагодарив за досегашната поддршка и соработка од страна на Унгарија. Продолжуваме посветено да работиме за интересите на граѓаните, објави премиерот Мицкоски.
Денеска (18 јули) се одржува четвртата средба на шефовите на држави или влади на членките на Европската политичка заедница во замокот Бленхајм во близина на британскиот град Вудсток во грофовијата Оксфорд.
Премиерот Христијан Мицкоски ја предводи македонската делегација, а во чиј состав се и вицепремиерот Изет Меџити и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска.