ИЈЗ: Втор случај на Западно-нилска треска

Институт за јавно здравје - Скопје

Институтот за јавно здравје од Скопје потврди за вториот регистриран случај на заболен од Западно-нилска треска во Северна Македонија. Пациентот се заразил при туристичко патување во Тунис кон крајот на минатиот месец.

Се работи за 34-годишен жител на Кочани, кој на 7 јули добил на покачена телесна температура, изнемоштеност, болки во мускулите, главоболка, по што колабирал, а со возило на итната медицинска помош бил пренесен во ЈЗУ Општа болница со проширена дејност - Кочани.

Изготвена била епидемиолошка анкета за заболеното лице од надлежен епидемиолог од Центарот за јавно здравје - Кочани. Два дена подоцна пациентот е препратен на инфективното одделение при ЈЗУ Клиничка болница во Штип.

„Пациентот бил хоспитализиран во ЈЗУ Клиничка болница – Штип во периодот од 09-15.07.2024 година и е испишан во добра здравствена состојба. Податоците при епидемиолошкото истражување од надлежен епидемиолог од Центарот за јавно здравје - Кочани се добиени од пациентот, матичен лекар, инфектолог и медицинската документација. Во периодот од 24.06- 01.07.2024 година, заболениот бил на туристичко патување во Тунис каде забележал комарци во поголем број и бил каснат од комарци иако користел репеленти во поголем дел од периодот при престојот, се истакнува во извештајот од Институтот за јавно здравје – Скопје.

Во извештајот е наведено дека во регионот на Кочани е исто така забележано присуство на комарци. Согласно информацијата од надлежниот епидемиолог, спроведена е редовна дезинсекција.

Во текот на 2024 година пријавени се вкупно два лабораториски потврдени случаи на Западно-нилска треска во државата. Првиот случај, беше регистриран во месец април кај жител на општина Василево, на територијата на Центарот за јавно здравје – Струмица.