Судењето на новинарот на „Волстрит Џурнал“, Еван Гершкович, кој повеќе од една година е во руски притвор под обвинение за шпионажа, продолжи во рускиот град Екатеринбург, Урал.
Регионалниот суд во Свердловск во Екатеринбург на 18 јули го објави почетокот на второто рочиште за судењето на Гершкович.
Претходно оваа недела, судот соопшти дека продолжувањето на судењето на Гершкович е поместено од 13 август на 18 јули на барање на тимот на одбраната на Гершкович, чии аргументи за поместување на датумот на рочиштето не беа откриени.
Судењето започна на 26 јуни и се одржува зад затворени врати.
Гершкович беше уапсен во Екатеринбург на 29 март 2023 година, додека беше на службено патување и потоа беше обвинет за обид да добие воени тајни за да и ги предаде на ЦИА. Тој е првиот американски новинар уапсен под обвинение за шпионирање во Русија по Студената војна.
Гершкович, 32-годишниот син на имигранти од поранешниот Советски Сојуз, роден во Америка, се соочува со затворска казна до 20 години доколку биде прогласен за виновен.
Видете и ова: Кои се Американците уапсени во Русија?Волстрит Џурнал и американската влада категорично ги отфрлија обвиненијата за шпионажа, велејќи дека Гершкович само ја вршел својата работа како акредитиран новинар кога бил уапсен.
По отворањето на судењето, Амбасадата на САД во Москва во соопштение на 26 јуни рече дека руските власти не обезбедиле докази за да ги поткрепат обвиненијата и повикаа на итно ослободување на Гершкович. Исто така, побара Москва да престане да ги користи американските државјани како потпора за политички цели.
Жалбите на Гершкович за ослободување од злогласниот московски затвор Лефортово, каде што тој се наоѓа од неговото апсење, се одбиени.
Неговото апсење дојде околу една година откако Русија ги усвои новите закони со кои се криминализира критиката за руската војна против Украина, која Кремљ ја нарекува „специјална воена операција“ и изјавите кои се сметаат за дискредитирање на војската.
Гершкович и уште еден американски државјанин, Пол Вилан, кој отслужува 16-годишна затворска казна поради обвинение за шпионажа, владата на САД ги означи како „погрешно притворени“.
Гершкович е еден од двајцата американски новинари кои во моментов се задржани од руските власти. Другата е Алсу Курмашева, новинарка на Радио Слободна Европа, која има двојно американско-руско државјанство.
Курмашева (47) беше уапсена во Казан во октомври и обвинета дека не се регистрирала како „странски агент“ според казнениот руски закон што ги таргетира новинарите, активистите на граѓанското општество и други. Таа, исто така, е обвинета за ширење невистини за руската војска и се соочува со 10 години затвор доколку биде осудена.
Видете и ова: Рускиот суд повторно го продолжи притворот на новинарката на РСЕ, КурмашеваРСЕ и американската влада велат дека обвиненијата се одмазда за нејзината работа како новинарка на радиодифузерот во Прага.
За разлика од Гершкович и Вилан, Курмашева не е означена како „неправилно приведена“, и покрај постојаните повици од нејзиниот работодавец и семејството да се случи тоа.
На друга американско-руска државјанка, Ксенија Карелина, и се суди во Екатеринбург во јуни под обвинение за предавство. Карелина (33) беше уапсена во февруари за време на посетата на Екатеринбург, откако безбедносните службеници ја обвинија дека собирала средства за украинска фондација која наводно и испорачувала оружје на Украина.