Денеска (18 јули) ќе се одржи четвртата средба на шефовите на држави или влади на членките на Европската политичка заедница. Самитот ќе се одржи во замокот Бленхајм во близина на британскиот град Вудсток во грофовијата Оксфорд.
Премиерот Христијан Мицкоски ќе ја предводи македонската делегација што ќе присуствува на Самитот, а во чиј состав се и вицепремиерот Изет Меџити и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска.
Како што најави Мицкоски во објава на Фејсбук на Самитот и ќе говори за „предизвиците коишто следат во делот на енергетиката и економијата од аспект на регионалното поврзување за балканските држави“.
Според најавите, на средбата 47-те европски лидери ќе разговараат за континуираната поддршка за Украина, како и за заедничките предизвици со кои се соочува Европа, поврзани со енергијата, поврзувањето, безбедноста, заштитата на демократијата и миграцијата.
Видете и ова: Највисоките претставници на ЕУ ќе ги бојкотираат состаноците што ги одржува УнгаријаВо рамки на Самитот ќе се одржат и две тркалезни маси посветени на одбраната и на заштитата на демократијата. Заклучоците од дебатите на овие тркалезни маса ќе бидат презентирани на завршната пленарна седница на Самитот.
По завршувањето на работниот дел на Самитот, предвидено е лидерите учесници на собирот да присуствуваат на прием кај британскиот крал Чарлс Трети. На маргините на Самитот се предвидени и повеќе билатерални средби на учесниците.
Европската политичка заедница беше иницирана од францускиот претседател Емануел Макрон за време на претседавањето на Франција со ЕУ како платформа за поттикнување политички дијалог и соработка за решавање на прашања од заеднички интерес и за зајакнување на безбедноста, стабилноста и просперитетот на европскиот континент.
Одлуката за основање на Европската политичка заедница беше донесена на заседанието на Европскиот совет во јуни 2022. Целта на Заедницата е политичка координација и таа не претставува замена на ниту една постоечка организација, структура или процес.