Најмногу претставки до Народниот правобранител за правосудство, потрошувачки права и работни односи

Насер Зибери (архивска фотографија)

На денешната седница на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците, народниот праворанител Насер Зибери го презентираше годишниот извештај за степенот на обезбедување, почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права за 2023 година.

Вкупениот број на примени претставки до Народниот правобранител во 2023 година изнесува 2.802 од кои 54 се формирани по сопствена иницијатива.

Најголем број од овие претставки - 1.100 се однесуваат на повреда на правата од страна на јавните служби и установи, 721 се однесуваат на повреда на правата од страна на централната власт, 331 на повреда на правата од локалната власт. Потоа следуваат 258 претставки за повреда на правата од страна на судската власт, 190 од правни лица и други.

Зибери информираше дека и оваа извештајна година, најголемиот број на примени и заведени претставки се однесуваа за заштита на правата од областа на правосудството односно 488, потоа следат претставките од потрошувачките права, од работните односи 267, од областа на детските права 231, од казнено-поправните и воспитно-поправните установи 166, од имотно-правната област 164, од финансиите и финансиското работење 152. Потоа од областа на заштитата на правата при полициски овластувања 141, претставки од урбанизмот и градбата 126, од граѓанските состојби и други внатрешни работи 123.

Најмногу констатирани повреди или 76, се во областа на правосудството, пред сè извршителите, 64 од областа на граѓанските состојби и другите внатрешни работи, 62 во областа правата на детето, 51 од областа финансии.

Што се однесува за општата состојба со почитувањето на човековите слободи и права Народниот правобранител во неколку области констатирал подобрување на состојбите, а во одредени области нотира стагнација или тенденција на влошување.

Како позитивни примери ги издвои решавањето на проблемот со запишување во матичната евиденција, со што за системот/државата голем број на невидливи лица станаа видливи, а со тоа добија можност за остварување на многу права - образование, вработување, лекување, социјална заштита и слично.

Стагнација и уназадување Народниот правобранител констатирал во работата на извршителите за која вели дека и натаму им создавала проблеми на граѓаните.

„Иако во јули беа донесени измените на Законите за облигационите односи и за извршување. Имено, овие измени ни оддалеку не придонесоа за средување на состојбата во оваа сфера, туку напротив само дополнително внесоа забуна кај граѓаните, особено што извршителите и судовите едноставно одбиваа (и се уште одбиваат) да ги применат измените кои се однесуваат на застареноста на извршувањето, со едноставно оправдување дека не постои основ за запирање на извршувањата за кои изминал рокот од 10 години, сметано од моментот на поднесеното барање за извршување“, рече Зибери.

Видете и ова: Зибери - тешка година за учениците, а за тортура врз затвореници кривична пријава

Никаков напредок во затворските услови

Област каде што нема никаков напредок, според Народниот Правобранител, се и условите во затворите кои, како што рече Зибери, и натаму се крајно нехумани, деградирачки и под секое човечко достоинство, а здравствената заштита на овие лица и покрај бројните укажувања на Народниот правобранител, за жал останува непромената, особено кога станува збор за користење на услугите на терциерното здравство, односно лекувањето надвор од установата.

Во однос на детските права, Зибери посочи дека Република Северна Македонија има сериозен проблем со присутната сегрегацијата на учениците Роми, за што е донесена пресуда и од Европскиот суд за човекови права против државата, но и минатата учебна година оваа негативна појава е констатирана повторно, во истите основни училишта, во Битола и во Прилеп.

Како загрижувачки ги наведе и податоците за присуството на меѓуврсничкото насилство/булингот во училиштата.

Видете и ова: Бајрамовска-Мустафа: Мерките за згрижување на децата питачи не даваат резултати

Зибери го спомена и проблемот со децата на улица кои питачат, а кои заради тоа се надвор од образовниот систем и со тоа им се става под знак прашање нивниот развој и нивната иднина од причина што сите сме свесни дека без образование никој и не може да си обезбеди егзистенција.

Во извештајната година граѓаните се жалеле и во областите урбанизам и градба, посебно на непостапувањето на инспекциите, потрошувачките права, високи фактури за потрошена електрична енергија, за проблемите кои ги имаат во сферата на пенизиското и инвалидското осигурување, здравствената заштита и слично.