Европскиот парламент во средата, на 17 јули, остро го критикуваше унгарскиот премиер Виктор Орбан за неговата средба со рускиот претседател Владимир Путин во Москва, како најнов укор на самопрогласената украинска „мировна мисија“ од Будимпешта.
Орбан беше критикуван од многу членки на Европската унија (ЕУ) за неговите ненадејни посети овој месец на Русија и Пекинг, каде што се сретна со кинескиот претседател Си Џинпинг, без поддршка од европскиот блок.
Овој месец Унгарија го презеде ротирачкото шестмесечно претседавање со ЕУ, што значи дека Будимпешта е задолжена за организирање состаноци на ЕУ, но не го овластува Орбан да води дипломатија во име на 27-те земји од ЕУ.
Во резолуција, Европскиот парламент ја осуди посетата на Орбан на Русија како „флагрантно кршење на договорите на ЕУ и заедничката надворешна политика“.
Европскиот парламент смета дека „оваа повреда треба да има последици за Унгарија“, се наведува во резолуцијата.
Видете и ова: Како Брисел реагира на непослушниот ОрбанОвој документ, кој вклучува делови за континуирана поддршка од ЕУ за Украина, беше усвоен со големо мнозинство од 495 пратеници на ЕУ, од 679 кои гласаа.
„Орбан се сретна со Путин за да ја оцрни ЕУ, да изјави дека има мировен план за кој никој не знае и да го промовира рускиот експанзионизам“, рече Иратце Гарсија Перез, кој ја предводи групата социјалисти во Европскиот парламент.
Европската комисија одлучи да го бојкотира шестмесечното унгарско претседавање со Советот на Европската унија како одговор на контроверзните патувања на Виктор Орбан во Москва и Пекинг, кои многумина го сметаат за навреда на политичкото единство на Унијата.
Унгарската влада, која одржува блиски врски со Русија од инвазијата на Украина во февруари 2022 година ги бранеше патувањата на Орбан.
„Неприфатливо е да се стигматизира земјата за застапување дипломатски решенија“, рече унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто во изјавата објавена од портпаролот на Орбан на платформата „Икс“.
Резолуцијата на Европскиот парламент ја потврди поддршката на оваа институција за Украина и апелираше до Унгарија да ја укине блокадата за враќање на парите на земјите-членки на ЕУ за воена помош за Украина преку Европскиот фонд за мир.