Иран негираше дека планирал атентат врз Доналд Трамп откако се појавија извештаи дека властите на САД дошле до разузнавачки информации кои сугерираат дека Техеран планира да го убие републиканскиот претседателски кандидат.
Новинските куќи Си-Ен-ЕН и Политико на 16 јули, цитирајќи неименувани извори, објавија дека американските власти биле информирани за иранскиот заговор за убиство на Трамп неколку недели пред обидот за убиство на поранешниот претседател на 13 јули.
Тие, сепак, рекоа дека обидот за атентат не се чини дека е поврзан со иранската закана.
Во изјавата доцна на 16 јули, портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Насер Канани, инсистираше дека Техеран не бил вклучен во обидот на 13 јули и обвини дека тврдењата дека Иран планирал да го убие Трамп се „политички мотивирани“.
„Исламската Република Иран е решена да го гони Трамп за неговата директна улога во злосторството за убиство на генерал Касем Сулејмани“, рече Канани.
Видете и ова: Обидот за атентат врз Трамп ја потресе предизборната кампања во САДСулејмани, поранешен командант на елитните сили Кудс на Корпусот на Исламската револуционерна гарда, беше убиен во јануари 2020 година во воздушен напад од страна на американските сили под команда на Трамп. Иран вети одмазда за убиството на лице од висок профил.
Пред изјавата на Канани, мисијата на Иран во Обединетите нации рече дека тврдењата против Техеран се „неосновани и пристрасни“ и остана на ставот дека Исламската република „го избрала легалниот пат за да го повика Трамп на одговорност“.
Иранските власти долго време предупредуваат дека високите претставници на САД за кои веруваат дека биле вклучени во убиството на Сулејмани ќе платат цена. Меѓу загрозените се поранешниот советник на Трамп за национална безбедност, Џон Болтон и поранешниот државен секретар Мајк Помпео.
Претходно оваа година, Владата на САД ја прошири заштитата на Помпео поради постојаните закани од Иран.