Светска банка: Западен Балкан да вложи 37 милијарди долари за ублажување на климатските промени

Илустрација

Економиите на Западен Балкан треба заеднички да инвестираат најмалку 37 милијарди долари во следната деценија со цел соодветно да ги заштитат граѓаните и имотот од се поштетните ефекти на климатските промени, е заклучокот од регионалниот Извештај за климатски промени и развој (CCDR) на Светската банка, која беше објавена во средата на 17 јули.

Спроведувањето на соодветни мерки насочени кон одговор на климатските промени може да донесе огромни придобивки за Западен Балкан, регион кој се состои од Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија, Србија и Црна Гора, се наведува во соопштението.

Како што беше истакнато, овие инвестиции би помогнале да се избегне загуба на човечки животи, имоти и продуктивност, но и да се стимулира економскиот раст.

Беше истакнато дека отсуството на акција не е опција за регионот, бидејќи тој веќе е под силно влијание на климатските промени.

Се потсетува дека во текот на изминатата деценија поплавите директно зафатија два милиони луѓе, а нивните ефекти дополнително ќе се влошат со појавата на се поекстремни врнежи.

Зголемена закана претставуваат и шумските пожари, од кои над 1.500 се регистрирани во 2021 година, што одговара на зголемување од 21 отсто во изминатата деценија, се наведува во Извештајот.

Видете и ова: Во пожарот кај неготинско изгоре површина двојно поголема од градот

Исто така, се додава дека сушите негативно влијаат на земјоделското производство, а топлотните бранови придонесуваат за загадување на воздухот и со тоа предизвикуваат илјадници предвремени смртни случаи годишно во Западен Балкан.

Директорката на Светска банка за Западен Балкан, Шаокинг Ју истакна дека климатските промени се јасна закана за економскиот развој на Западен Балкан.

„Трошоците за инвестирање во адаптација се значителни. Сепак, добрата вест е дека придобивките од овие инвестиции се уште поголеми. Ако се подготвиме за климатски ризици, можеме да спасиме животи, да ги зачуваме локалните заедници и да го стимулираме економскиот раст“, додаде таа.

Според проценките на Светска банка, инвестициите во адаптација на климатските промени носат значителен принос, особено во економиите со ниски и средни приходи, каде што за секој вложен долар се остварува бенефит во вредност од околу четири долари.

Дополнително, земјите од Западен Балкан треба да ги намалат емисиите на стакленички гасови со цел да останат конкурентни, да ја подобрат енергетската безбедност и да привлечат странски инвестиции.

Сепак, како што се наведува, за постигнување климатска неутралност до 2050 година, во согласност со целите на Европската унија, ќе бидат потребни дополнителни инвестиции од 32 милијарди долари.

Можно е да се намалат емисиите на стакленички гасови на нула на ниво на целата економија до 2050 година доколку соларната енергија, енергијата на ветерот и хидроцентралите би можеле да произведат повеќе од 95 отсто од вкупната енергија, што би претставувало значително зголемување во споредба со сегашниот процент. од една третина од вкупната енергија произведена од овие извори.

Видете и ова: Инвестициите во соларна енергија доведоа до рекордно низок увоз на струја

Дополнително, потребно е и декарбонизација на градежниот сектор преку инвестиции во енергетска ефикасност.

Исто така, транспортниот сектор мора да претрпи далекусежна трансформација преку намалување на побарувачката за возила, усвојување поодржливи начини на транспорт и префрлање на електрични возила.

Во Извештајот се нагласува дека значителен дел од потребните средства може да дојде од приватниот сектор.

Меѓутоа, за да можат да мобилизираат приватни инвестиции, земјите од Западен Балкан мора да обезбедат стабилна регулаторна средина и атрактивни финансиски пазари за да ги поттикнат компаниите да ги искористат можностите што ги дава оваа транзиција.