Најмалку 57 лица биле убиени во израелските напади ширум Газа

илустрација

Палестинските здравствени власти соопштија дека најмалку 57 лица загинале во израелските бомбардирања на јужниот и централниот дел на Газа, пренесува Ројтерс.

Палестинската исламистичка милитантна група Хамас, која САД и ЕУ ја прогласија за терористичка организација, го обвини Израел за засилување на нападите во Газа за да ги попречи напорите на арапските посредници и САД да постигнат договор за прекин на огнот. Израел вели дека се обидува да ги елиминира борците на Хамас.

Во Рафа, јужниот пограничен град каде што израелските сили оперираат од мај, пет Палестинци биле убиени во воздушен напад врз куќа, соопштија здравствените власти во Газа. Подоцна во вторник (16 јули), во израелски воздушен напад загинале најмалку 17 Палестинци, а 26 биле ранети во Кан Јунис во јужниот дел на Газа.

Израелската војска соопшти дека цел на нападот бил висок милитант на групата Исламски џихад, сојузник на Хамас.

„Ги разгледуваме извештаите дека неколку цивили се повредени како резултат на нападот“, се вели во соопштението на војската.

Видете и ова: Израел ја бомбардира Газа откако САД соопштија дека бројот на цивилните жртви се “неприфатливо високи“

Израелската војска изведе неколку смртоносни напади во последните денови во Газа, вклучувајќи го и оној на 13 јули во бегалскиот камп Ал Маваси, каде што беа убиени повеќе од 90 луѓе.

Војната во Газа започна откако Хамас го нападна јужниот дел на Израел на 7 октомври, убивајќи околу 1200 луѓе и зеде 250 заложници. По масакрот на Хамас, главно на цивили, Израел започна офанзива против Газа.

Најмалку 38 664 луѓе загинаа во борбите, според Министерството за здравство на Газа, под контрола на Хамас. На таа палестинска територија живеат околу 2,3 милиони луѓе.