Во првиот круг на гласање за избор на 14 потпретседатели на Европскиот парламент на конститутивното парламентарно заседание, доволно гласови за да бидат избрани на функцијата добија 11 од вкупно 17 предложени кандидати.
За нови потпретседатели на Европскиот парламент се избрани Забине Верхајен од Христијанско демократската унија на Германија/Европската народна партија, Ева Копач од полската Граѓанска платформа, Естебан Гонзалес Понс од шпанската Народна партија, Катарина Барли од Социјалдемократската партија на Германија/Прогресивна алијанса на социјалистите и демократите, Пина Пичерно од италијанската Демократска партија.
Нови потпретседатели ќе бидат и Виктор Негреску од романската Социјалдемократска партија, Мартин Хојсик од Прогресивна Словачка/Да ја обновиме Европа, Кристел Шалдемозе од данската партија Социјалдемократи, Хави Лопез Фернандез од Шпанска социјалистичка работничка партија, Софи Вилмес од белгиското Реформско движење и независниот романски пратеник член на групацијата на Зелените, Николае Штефануца.
Видете и ова: Конститутивна седница на новиот состав на Европскиот парламентВкупно гласале 701 европратеник, при што 36 гласачки ливчиња беа неважечки или празни. За да биде избран на секој кандидат му требаа најмалку 333 гласа. Секој европратеник имаше право да гласа за најмногу 14 кандидати.
Вториот круг на гласање од постапката за избор на преостанатите три потпретседателски функции во Европскиот парламент меѓу преостанатите шест кандидати се одржува доцна попладнево. Во овој круг европратениците можат да гласаат за најмалку два, а најмногу три кандидати.
Согласно Деловникот на Европскиот парламент, потпретседателите се бираат во три круга, при што во првите два за да биде избран кандидатот мора да добие апсолутно мнозинство гласови од вкупниот број на европратеници што гласале, додека во третиот круг за избран се смета кандидатот што ќе добие најмногу гласови, независно од мнозинството.
Видете и ова: Мецола реизбрана за претседателка на Европскиот парламентПретходно денеска, европратениците ја реизбраа Роберта Мецола од малтешката конзервативна Национална партија, која е дел од групата на Европската народна партија (ЕПП), за претседателка на Европскиот парламент со мандат од две и пол години.
За Мецола гласаа 562 европратеници, а нејзината противкандидатка за функцијата Ирене Монтеро од шпанската партија Можеме, дел од групата на Левицата, доби 61 глас. Вкупно 76 гласачки ливчиња беа неважечки.