Американскиот републикански претседателски кандидат Доналд Трамп е подготвен “веднаш“ да дејствува како мировен посредник во војната меѓу Русија и Украина, доколку биде избран во ноември, напиша унгарскиот премиер Виктор Орбан во писмо до лидерите на Европската унија.
Писмото, адресирано до претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел и дистрибуирано до сите лидери на ЕУ, Орбан го подготви по разговорот со Трамп, како и со лидерите на Украина, Русија и Кина.
„Можам со сигурност да кажам дека наскоро по изборната победа, Трамп нема да ја чека неговата инаугурација, туку веднаш ќе биде подготвен да дејствува како посредник за мир. Тој има детални и добро основани планови“, напиша Орбан.
Орбан, долгогодишен поддржувач на Трамп, направи ненадејни посети на Москва, Пекинг и Палм Бич (Флорида, САД) во изминатите две недели во самонаречена „мировна мисија“ откако Унгарија го презеде ротирачкото претседателство со ЕУ.
Видете и ова: Орбан и Трамп разговараа за „мировната мисија“Лидерите на Европската унија ги осудија неговите постапки, нагласувајќи дека Орбан нема мандат да зборува во име на 27-члената ЕУ и дека ставовите што ги изразил се негови.
За да го нагласи своето незадоволство од непријателската дипломатија на Унгарија поради војната во Украина, која ги поткопува позициите на ЕУ, Европската комисија во понеделникот им забрани на еврокомесарите да присуствуваат на состаноците одржани во Унгарија за време на претседавањето на земјата со ЕУ.
Некои влади на ЕУ приватно планираат да испратат само високи државни службеници, а не владини министри на министерските разговори во Будимпешта, а 63 европратеници побараа од ЕУ да и го ускрати правото на глас во Унијата.
Во писмото Орбан наведува и дека американскиот претседател Џо Бајден „вложува огромни напори“ да остане во изборната трка, но дека „не е способен да ја измени актуелната провоена политика на САД“.
Унгарскиот премиер долго време ја критикуваше европската воена поддршка за Украина, за разлика од повеќето сојузници кои ги поддржуваат воените напори на Киев.
Видете и ова: Највисоките претставници на ЕУ ќе ги бојкотираат состаноците што ги одржува УнгаријаОрбан оцени дека победата на Трамп ќе го промени товарот меѓу САД и ЕУ кога е во прашање финансиската поддршка за Украина, на штета на Европејците.
„Нашата европска стратегија во име на трансатлантското единство ја копираше провоената политика на САД. До сега немавме суверена и независна европска стратегија или политички акционен план. Предлагам да се разговара за тоа дали продолжувањето на оваа политика е рационално во иднина“, рече тој.
Орбан предложи „повторно отворање на директните линии на дипломатска комуникација со Русија“ и истовремено одржување на контакти на високо ниво со Киев, како и одржување разговори со Кина „за модалитетите на следната мировна конференција“.
Пристапот на Орбан е спротивен на заклучоците од последниот самит на ЕУ на 27 јуни, кога лидерите ја повторија својата непоколеблива посветеност да обезбедат политичка, финансиска, економска, хуманитарна, воена и дипломатска поддршка на Украина.